КОЈ ВЕЛИ ДЕКА НЕМАМЕ ТАЛЕНТИ

„Баварецот" Даниел Здравевски ќе заигра за Македонија!

Младиот кошаркар на минхенски Баерн е согласен да го облече дресот на нашиот национален тим „Под 18" години и да заигра пред скопската публика на Европскиот шампионат...

објавено: 9 јули 2018 - 13:00

Бобан Радуловиќ

Додека се подготвуваат за настап на Европското првенство од „Б" Дивизијата, на кое сме во улога на домаќини, паралелно се водат и активности оној играчки ростер кој го има на располагње стручниот тим предводен од селекторот Панче Милевски, да биде засилен со едно квалитетно кошаркарско име.

Имено претставниците на нашата федерација веќе одамна се во контакт со Даниел Здравевски, момче родено на 2.јуни 2001 година, има 205 сантиметри, и во оваа сезона беше дел од јуниорската селекција на екипата на Баерн од Минхен.

А во текот на изминатото лето, ова сега веќе големо момче, беше и дел од националниот тим на Германија за играчи „Под 16" години.
Но согласно со актуелните „законски рамки" кои се на сила во ФИБА, постои можност за промена на она играчко државјанство, односно токму преминот од кадетска во јуниорска конкуренција дава можност за такво нешто, а МКФ сака да го искористи и да го има на располагање овој талентиран 17.годишен кошаркар, кој најдобро се снаоѓа на позицијата – крило.
Веќе неколку години Здравевски, заедно со своето земејство живее во Германија, до ланската сезона настапуваше за младите селекции на Хаген, а неговиот голем талент го препознаа баварците кои лани го украдоа Македонецот и го „преселија" во центарот на Баварија.
Инаку, Здравевски беше дел од екипата на Баерн која учествуваше на завршниот јуниорски турнир на Евролигата во Белград, што беше добра можност да биде „скаутиран" од нашиот стручен тим во селекцијата „Под 18" години.
Одигра три средби на турнирот во главниот град на Србија, со доста висока минутажа (просек од скоро 30.минути по натпревар), и притоа реализираше по 3.3 поени, 5.3 скока и 2.7 асистенции.
И повеќе од добра препорака да добие повик за настап во нашата јуниорска селекција која од 27. јули до 5. август ја чека настап на ЕП од Дивизијата „Б" кое ќе се одржи во Скопје.
Според најавите, во текот на оваа седмица Здравевски треба да допатува во Скопје, да ги среди оние технички детали (реиздавање на македонска патна исправа) и да се стави на располагање на стручниот штаб, и секако да биде од голема помош во обидот на домашен терен да се направи добар резултат на овој шампионат.

Најново во Кошарка