УШТЕ ПОТЕШКО ЌЕ НИ БИДЕ ВО НОЕМВРИ

Без Антиќ, без Теодор, без селектор!?

По„забраната" на Евролигата да ги ослободи „своите" играчи, стручниот тим не ќе може да смета на услугите на Џордан Теодор, исто така и на Перо Антиќ, доколку реши да се врати... Нејасна е ситуацијата и со селекторот Јорданчо Давитков, кој брка ангажман во земјата каде работеше и досега...

објавено: 26 август 2017 - 15:00

Пишува: Бобан Радуловиќ

Не успеавме, односно доживеавме вистински играчки, и резултатски дебакл во претквалификациите за Светскиот Куп 2019.

Не само што не успеавме да бидеме најмалку втори во групата, туку влеговме уште подлабоко во онаа „кошаркарска кал".
Испаднавме во друштвото наречено „Б" Дивизија на европската репрезентативна кошарка, во кое ги загубивме сите „привилегии".
Сепак ФИБА ни даде уште еднаш шанса да се вратиме.
Преку оние претквалификации за ЕП кое ќе се одржи во 2021 година.
По „епизодата" со Естонија и Косово, веќе во ноември, значи многу брзо, нė чека уште една, можеби и последна, пред да паднеме долу, на самото дно на европската кошарка.
Онаа во која актери се Словачка и Швајцарија.
И се чини, барем од оваа перспектива, а три месеци пред почетокот, уште потешка за реализација.
Првото прашање кое се наметнува е со каков состав ќе располага нашиот национален тим во тие ноемвриски претквалификации?
Се појасно станува дека ниту една друга селекција ќе нема избор, па и онаа нашата, во тимот да и ги има играчите кои настапуваат во НБА, во Евролигата и Ерокпуот, односно натпреварувањата кои се под јурисдикција на „ЕЦА".


Согласно со тоа, а ако се знае дека летоска направи трансфер во миланскиот Армани, јасно е дека стручниот штаб не може да смета на Американецот со македонски пасош, Џордан Теодор. Односно нашиот најефиксаен играч во овој претквалификациски циклус.
Покрај тоа, „надвор од игра" би бил и нашиот најдобар кошаркар во овој момент, Перо Антиќ.
Иако најави дека ќе размисли за враќање во националниот тим, Антиќ не заигра во овие августовски претквалификации. И ако биде официјализиран неговиот договор со Фенербахче, тоа значи дека ќе ја загубиме и таа теорија, па стручниот штаб, без оглед на тоа дали ќе биде стариот, или ќе биде во нов состав, ќе има сериозни проблеми со оформување на потребниот играчки ростер.
„Среќа во несреќа" е што Македонија нема други такви играчи што се дел од најсилните натпреварувања во Европа и светот. Ќе беше подобро да е така, но, тоа е реалноста.


Освен тоа, во овој момент Јорданчо Давитков е селектор на нашиот национален тим. Но барем засега, нема никаква потврда дали ќе продожи на истата функција или пак не.
Дилемите ги прави и неговиот актуелен статус на слободен тренер, ако се земе дека е прекината соработката со неговиот клуб, кој повеќе нема да се натпреварува.
Проблем би бил доколку Давитков најде друг ангажман во некоја од тие далечни земји како Емиратите. Пред се поради недоволно долгото време, но и дозвола од работодавачите да го напушти клубот сред натпреварувачка сезона.
Се би било поинаку доколку селекторот биде „тука некаде", многу поблиску до Скопје и до Македонија, но...
Којзнае, можеби е време да се најде и некое друго решение, секако, под услов се да остане како што е во овој момент.

Најново во Кошарка