СПОРТСКИ РЕЗИЛТАТИ во 2015 година

Битката кај Херонеа: Александар и Перикле Антиќ против „античките“!

Меѓу многуте нешта што ја резилеа Македонија ја издвојуваме битката на Александар (Џикиќ) против античките, која подоцна се прошири и со „електронската наплата на сметки" меѓу раководството на Македонската кошаркарска федерација и нејзиниот поранешен капитен. Приказната што ќе влезе во спортските читанки, прераскажана во поинаков стил, изгледа вака

објавено: 1 јануари 2016 - 12:00

Тешка беше битката што почна кај Загрепското поле, а продолжи во Скупи. Македонските херои под обрачите високо, небаре се кај Херонеа, ги кренаа копјата со остри врвови и ги вперија едни кон други, гладни за крв. Наместо скокови небесни, погодоци прецизни и одбрани јуначки, многу жолч се пролеа во полумесечината на фалангата. Канонада од тешки „филипики“ го разбранува интернет-морето, а длабоко на дното остана штитот закопан, иако „фалангистите“ беа испратени да се вратат со него во борбата за спас на европската чест.

Уште од април се остреа долгите орудија со кои мавтаа во воздухот. Прво Александар беше предаден, и покрај неговите тешко извојувани победи во изминатото лето, откако веќе ја подготви војската за напад на Загреб. Му свртеа грб „античките“, со прст кон него покажаа дека тој е расколникот што внесува немир во дворот. Со надменост на изневерена Олимпија, на „античките“ им возврати големиот и широкоград Александар, набљудувајќи ги од високо, во „амфитеатрите“ во Охрид и во Загреб. Марко Антонио сакаше на тројански коњ да дојава, но на тој данајски подарок не наседнаа војниците Александрови и стрели му упатија во ахиловата петица и врат.

По ваквите битки гради в гради, истоштените војници порази наредија. Од Загрепското поле, се разбира, војската се врати со наведната глава – навредена, повредена и поразена! Првиот меѓу „античките“, за погромот огнени топки кон Перикле Антиќ фрли. На бојното кошаркарско поле од Ефес до Скупи, од устите-катапулти полетаа тиради за плацеви, политика, директорчиња, избори и небитни поединци. Истите тие што пред само четири години беа Гоцевата раса што излезе на тераса.

Историјата ќе покаже кој ќе биде победникот во очите на плебсот.

Најново во Кошарка