НОВА УБЕДЛИВА ИГРА И ПОБЕДА НА КАДЕТИТЕ НА ЕП ВО САРАЕВО

Четвртфиналето е блиску, многу блиску

Во втората четвртина на противникот од Словачка му дозволивме да даде само еден единствен поен, од каде „излезе" новиот триумф (76:53), по кој сме многу блиску до место кое води во првата „осумка" на шампионатот...

објавено: 11 август 2018 - 23:15

Ниту доцнењето на натпрварот, кој беше оквалификуван како еден од решавачките, и тоа од добар „половина час“, не ги тргна нашите млади кошаркари од идејата дека треба да победуваат, и дека во Сараево се дојдени да „направат резултат", кој сега, откако беа многу подобри и од селекцијата на Словачка, станува се пореален.

Една феноменална четвртина, онаа втората, во која на противникот не му беше дадено да поентира од игра, реши се!

СЛОВАЧКА – МАКЕДОНИЈА 53:76 (20-22; 1-20; 19-19;13-15)

По пет минути, Македонија водеше со (14:5), Словаците ја сменија одбраната во зонска, и се доближија на (12:16), а по втората тројка на Лукач и (16:17) по нешто помалку од 8.минути играње, и тајм аут за нашиот стручен штаб.

Останавме во водство (22:20), но имавме евидентен пад во играта во тој дел од првиот период во кој Андоноски реализираше десет поени а имавме шест загубени топки.
Со серијата (8-1) во нешто повеќе од три минути, одново се одвоивме на пристојни (30:21), па словачкиот селектор мораше да го „троши" својот тајм-аут.
Не им помогна тоа многу, затоа што по тројката на Величковски, Македонија имаше највисоки (35:21).
Словачка остана без поени од игра, до истекот на полувремето додадовме уште шест поени, за двојно поголеми (42:21).
Таа втора четвртина, ја одигравме со седум кошаркари (влегоа само Мирковски и Данаиловски) , а ја добивме со ретко видени (20:1)!!!

Андоноски веќе собра дабл-дабл, се одвои со 15.поени и 10. скока, но „седморката" делуваше доста колективно во однос на разбиениот словачки состав вo кој евидентно, и едноставно кажано, не се знаеше кој на каде турка...

Одлина шанса да заиграат и некои други момци (најмладиот во оваа селекција, Андреј Митревски да ги постигне своите први официјални репрезентативни поени во кариерата), а енергијата да се сочува за она што следува.

Податокот дека првиот нареден кош од игра го реализираа дури во 23. минута, доволно говори за словачката инфериорност, секако условена и од играта на нашиот кадетски состав, пред кого сега е ден одмор, а потоа уште две пречки на патот кон горната половина на првенството, онаа која ќе одлучува за местата кои водат во елитниот ранг, „А" Дивизијата.
Прво меч со Данска, а потоа и со Норвешка. Ги добиеме ли тие мечеви, ете ја Македонија во четвртфиналето.

Претходно, Белгија ја уништи Норвешка (93:41), додека пак Русија многу тешко ја доби Данска (92:81).

По три одиграни кола во групата „Б", Русија е прва со максимални три победи, Македонија и Белгија се на ефект (2-1), една победа има Данска (и два порази) додека Норвешка е единствената која сеуште не знае за успех.
Утре е слободен ден за ова друштво на шампионатот. Додека пак во понеделник, од 16.30 часот, Македонија ќе игра против Данска, а Белгија со Словачка.
Нешто порано, од 14.15 часот, е закажан дуелот Русија-Норвешка.

Најново во Кошарка