НАТАМУ ОДАТ РАБОТИТЕ...

Човиќ не дава Антиќ да игра за „црвено-жолтите“?

„Замислете ние да ги пуштиме Бјелица за Црна Гора, Антиќ за Македонија, Лесор за Франција, Фелдин за Доминиканска република. Тие би пропуштиле неколку кола, а од нас се очекуваат резултати и континуитет" - порача првиот човек на АБА шампионот.

објавено: 14 ноември 2017 - 18:30

Претседателот на Црвена Звезда, Небојша Човиќ, иако не кажа каква е одлуката на клубот, меѓу редови најави дека нема да ги ослободи своите кошаркари за настап за своите репрезентации. Перо Антиќ, кој е член на Црвена Звезда и нема играно за Македонија од 2013 година, се најде на списокот на селекторот Јорданчо Давитков, на листата на кандидати за настап на првата фаза од претквалификациите за Евробаскетот 2021.

Покрај за Антиќ, мали се шансите да го имаме на располагање и Џордан Теодор, кој истотака настапува за евролигашки клуб и ќе треба да бира дали да игра за клубот или за националниот тим, бидејќи има поклопување на термините.

„Решението за проблемот би се нашло кога луѓето од ФИБА би знаеле што сакаат. Од искуство, научив дека петелот кој прв кукурика, завршува во супа. Затоа, нема да ја кажеме одлуката на клубот околу ослободување на репрезентативците. Ги гледам списоците и се обидувам да најдам барем еден играч од НБА лигата. Замислете ние да ги пуштиме Бјелица за Црна Гора, Антиќ за Македонија, Лесор за Франција, Фелдин за Доминиканска република. Тие би пропуштиле неколку кола, а од нас се очекуваат резултати и континуитет" - изјави Човиќ во пресрет на денешниот меч на Звезда со ЦСКА во Белград.

Најново во Кошарка