Формиран стрУчниот штаб на нашиот сениорски национален тим

„ДА“ од Јончевски и Малинков

Денеска, и официјално Александар Јончевски и Љупчо Малинков ја прифатија понудата да му се приклучат на Јорданчо Давитков во стручниот штаб на „црвено-жолтите“.

објавено: 13 март 2017 - 14:47

Стручниот штаб на сениорската репрезентација во машката конкуренција полека се комплетира.

Минатата седмица Јорданчо Давитков беше назначен за селектор на националниот состав, а денес Александар Јончевски и Љупчо Малинков ја прифатија понудата да му се приклучат на Давитков во стручниот штаб.

Очекувам одлично да соработуваме како тренерско трио и се надевам дека ќе имаме успешни претквалификации за Светското првенство, па здравје да размислуваме и за уште еден пласман на Европското првенство односно повторно да се вратиме на големите натпреварување, но за тоа има време. Со моето досегашно искуство како член во стручниот штаб на „А" репрезентацијата ќе дадам максимум од себе и се надевам дека ќе придонесам доволно за успех на претстојните претквалификации" – истакна Јончевски.

Александар Јончевски беше дел од стручниот штаб на Марјан Лазовски во 2012 година. Работеше и покрај селекторот Алеш Пипан (2013 година), а последен пат како дел од сениорската репрезентација беше во 2015 година како соработник на Марјан Србиновски.

За Љупчо Малинков ова ќе биде прво искуство како дел од стручниот штаб на сениорската репрезентација. Претходните два ги мина на чело на селекцијата „Под 20“ години.

„Огромно задоволство ми е што конечно добив шанса за да бидам дел од стручниот штаб на најдобрата селекција особено како дел од ова тренерско трио. Давитков е еден од подобрите тренери во Македонија и ќе ми биде чест да работам покрај него. Мислам дека сите имаме исти очекувања и 'желби', а тоа се успешни претквалификации, па понатаму да мислиме и на повисоките квалификациски скалила" – истакна Малинков.

 

Најново во Кошарка