ДЕВОЈКИТЕ БАРААТ ПОТВРДА НА ДОБРАТА ИГРА ПРОТИВ ИТАЛИЈА

Да се остане „позитивен“ и во Содертаље

„Шведска сигурно нема да нè потцени. Работата е ние да се спуштиме на земја после силниот отпор што го дадовме против Италија и да не мислиме дека сме направиле нешто екстремно големо“- предупредува селекторот Марјан Лазовски пред вечерашниот дуел закажан за 18.30 часот,,,

објавено: 15 ноември 2017 - 17:00

Позитивната слика што ја остави на дуелот со силната Италија, женската сениорска репрезентација на Македонија ќе се обиде да ја потврди и вечерва, во Содертаље, на гостувањето кај Шведска.

Средбата почнува во 18:30 часот, а селекторот Марјан Лазовски најавува борба во сите 40 минути.

„Не верувам дека и Италијанките настапија потценувачки кон нас, па така и Шведска сигурно нема да нè потцени. Работата е ние да се спуштиме на земја после силниот отпор што го дадовме против Италија и да не мислиме дека сме направиле нешто екстремно големо.  За вечерва, можам да ветам дека повторно ќе одиграме квалитетно и максимално борбено, тоа ќе биде наш стил на игра на секој меч. Концентрацијата на шутови е кај четири девојки, но кај Софија Лазареска и Александра Стојановска има потенцијал да помогнат во нападот", изјави Лазовски.

Швеѓанките во првото коло славеа на гостувањето кај Хрватска со 57:54 и покажаа дека се незгоден тим, кој ќе биде закана и за фаворитот Италија. Таму се истакнаа 196 сантиметри високата Аманда Захуи со 18 поени и 17 скока и Фархија Абди со 15 поени. Главен плејмејкер е Елдебринк, а имаат и уште три кошаркарки со потекло од САД, тоа се Фонтејн, Хамилтон-Картер и Лојд.

Најново во Кошарка