Репрезентативниот бек не чекаше многу, го решава проблемот

Дамјан опериран, пауза од „минимум" пола година

Операцијата поминала во најдобар можен ред, па по два дена одмор на клиниката, следува враќање во Скопје и почеток на рехабилитацискиот процес за нашиот репрезентативец кој ќе потрае најмалку шест месеци.

објавено: 13 септември 2016 - 18:57

Додека неговите соиграчи водат битка на теренот, Дамјан Стојановски „играше“ некоја своја, за жал, надвор од него, каде што и му е вообичаено местото.

Да ја санира повредата на коленото и тоа како сериозна. Ја доби на оној за нас незаборавен, црн викенд во Лондон, на дуелот со Велика Британија. А потврдата стигна неполни 24. часа подоцна. Дијагнозата беше далеку од добра. Магнетната резонанца, а потоа и докторите потврдија дека еден до нашите најдобри кошаркари кои ги имаме во овој момент ги скинал предните вкрстени лигаменти на десното колено, и дека за него овие квалификации се завршени.


Но еден од браќата близнаци никако не сакаше да губи време. По првите проценки за „штетата", довчерашниот играч на МЗТ Скопје, а сега во улога на „слободен агент", одлучи веднаш да оди на операција.
И тоа во Австрија кај еден од најдобрите европски и светски стручњаци за санирање на повреди во пределот на коленото. По дводневните, задолжителни прегледи на повреденото место, Др. Швенк го изврши оперативниот зафат, кој според Дамјан поминал во најдобар можен ред.

Па сега по краткото задржување во клиниката, Стојановски во четврток попладне се враќа во Скопје каде ќе го почне оној, се чини потежок и подолготраен процес, рехабилитацијата.

Според првите проценки опоравувањето ќе биде во рок од најмалку шест месеци, што значи дека Стојановски би бил подготвен за враќање на теренот некаде во вториот дел од сезоната која стартува за две-три недели. 

Најново во Кошарка