Новиот селектор има само една желба

Давитков: Да ја вратиме репрезентацијата на местото кое и прилега

„Се надевам со ангажман на сите вклучени, од селектор до стручен штаб, но и до федерацијата дека ќе успееме да ја вратиме македонската репрезентација на местото кое и прилега. Сакам да му се заблагодарам на МКФ за укажаната доверба во мене за повторно да бидам селектор“, изјави за новиот предводник на националниот тим. 

објавено: 10 март 2017 - 14:50

По пауза од 16 години, Јорданчо Давитков повторно се враќа на „кормилото“ на македонската кошаркарска репрезентација. Искусниот стратег доаѓа во време кога во националниот тим владее вистински хаос, а Македонија по подолго време нема да настапува на едно Европско првенство.

„Овој период ме потсетува токму на тој период, време кога треба да се вратиме на местото што ни припаѓа, а не каде што сега се наоѓаме. Се надевам со ангажман на сите вклучени, од селектор до стручен штаб, но и до федерацијата дека ќе успееме да ја вратиме македонската репрезентација на местото кое и прилега. Сакам да му се заблагодарам на МКФ за укажаната доверба во мене за повторно да бидам селектор.

Никогаш кога било тешко во македонската кошарка не сум се повлекувал настрана. Нè чека сложена задача, но кошарката е мојот живот и без двоумење ја прифатив понудата да бидам селектор. Можев да се повлечам, да пијам сок на некоја плажа во Дубаи, но никогаш не се повлекувам пред предизвикот. Одиме чекор по чекор, првин да ги поминеме претквалификациите, а потоа ќе гледаме да продолжиме со работата“, вели Давитков.

Новиот предводник на репрезентацијата признава дека во последните десет години се случија доста промени во составо. Прва задача ќе биде да ја врати атмосферата.

„По десет години репрезентацијата е многу промената, но ги познавам речиси сите играчи. Во прво време би се фокусирал да составиме екипа од тие играчи кои ни се на располагање и да видиме кој сè би играл. Потоа откако ќе ја составиме нè чека напорна работа ова лето. Мораме да ја вратиме и атмосферата која владееше во тимот пред десет години. Иако во тоа време финансиските средства не беа многу големи, но имаше една вистинска атмосфера која ја красеше репрезентацијата и како прво би сакал да се врати таа хемија и со една добра работа да видиме колку најмногу може да дадеме од себе. Без некои ветувања, но се надевам дека ако ги постигнеме овие три фокуси сигурен сум дека резултатите нема да изостанат.

 

Во најбрз можен рок ќе гледаме да се комплетира стручниот штаб. Преговорите одеа брзо, а се надевам така ќе биде и со стручниот штаб.

 

Не очекувам пречки поради тоа што директно не сум инволвиран во македонската кошарка. Клубовите и играчи ги следам и од овде, од Дубаи така да не гледам некој посебен хендикеп заради тоа што во последните неколку години не сум таму. Најважно е да се состави најдобрата можна екипа што ја имаме, со добра работа и со добра атмосфера да се подготвимеи да ги пречекаме овие претквалификации" - се првите мисли на Јорданчо Давитков.

Најново во Кошарка