ПРЕД ПРОДОЛЖЕНИЕ НА ГЛАВНАТА ФАЗА

Давитков ги распушти кошаркарите

Селекторот, Јорданчо Давитков по завршувањето на „Трофеј Македонија“ на кошаркарите им даде два дена слободни. Македонската репрезентација со подготовките за претквалификациите за Светскиот Куп 2019 продолжува во вторник. 

објавено: 23 јули 2017 - 13:00

Марија Ковачева

Македонската кошаркарска репрезентација влегува во последната фаза на подготовките за претквалификациите за Светскиот Куп 2019 година. Селекторот, Јорданчо Давитков и неговите избраници до сега одиграа шест пријателски натпревари и имаат одличен биланс од пет победи (Словачка, Бугарија, Португалија, Холандија и Бих) и само еден пораз. Последен и поголем тест за „црвено-жолтите“ беше турнирот „Трофеј Македонија“, кој го освои токму нашата репрезентација.

Тргнавме анемично против Португалија и Холандија, но блеснавме против Босна и Херцеговина...Задоволни сме од одбраната, но не и од нападот. Иако нашата репрезентација има „снајперисти“, засега шутот не ни поаѓа од рака...Првите два натпревари бевме очајни, но против Босанците влеговме во ритам. Од нашиот табор порачуваат и веруваат дека и шутот ќе профункционира за најважните дуели, против Косово и Естонија.

На овие три дуели, македонската публика се увери дека не треба да се откажува од младите играчи, на кои дефинитивно треба да им се даде шанса. Тоа го стори Давитков и не погреши. Стајиќ најави дека може да биде одлична замена за Џордан и Костоски. Не смее да се заборави ниту играта на Мекиќ. Кошаркарот на шампионот, добро ги извршуваше особено задачите во одбраната.

Радува влегувањето во ритам на капитенот Војдан Стојановски, Костоски, Чековски и Тасовски. Важна улога во победите имаа и Јанески, Ѓуроски, Николовски, Пенов и Брчков. Ваква борбена Македонија ветува пласман во квалификациите за СК и ЕП.  

По напорните три дена, Давитков им даде два слободни денови на кошаркарите, кои во вторник продолжуваат со подготовките. До крајот на овој дел ни останува уште еден пријателски натпревар против Бугарија, на кој најверојатно ќе настапат сите кошаркари, вклучувајќи го Џордан Теодор, кој поради повреда беше надвор од теренот.   

По гостувањето кај Бугарите, „црвено-жолтите“ ќе имаат уште неколку дена за корегирање и максимална подготовка за првиот дуел против Косово во Приштина закажан за втори август. 

 

Најново во Кошарка