СЕЛЕКТОРОТ СО АНАЛИЗА ЗА ДУЕЛОТ СО КОСОВО

Давитков: Го преспавме првото полувреме

„Одигравме катастрофално прво полувреме, буквално ги преспавме првите 20. минути. Главен проблем беше офанзивниот скок, противникот беше доминантен под обрачите. Во овој период делувавме успорено, игравме без енергија“, вели Јорданчо Давитков. 

објавено: 3 август 2017 - 11:35

Марија Ковачева

Македонската репрезентација со пораз ги започна претквалификациите за Светскиот Куп 2019 година. Избраниците на Јорданчо Давитков на гостувањето кај Косово беа совладани со 72-68. Очајната игра во првото полувреме беше главна причина за крајниот исход во Приштина.

Предводникот на „црвено-жолтите“ не го крие своето незадоволство, ниту пак бара дополнителни изговори за слабата игра во првите 20. минути.  

„Пред мечот кажав дека нема биде лесно, се покажа дека имаме проблеми кои не се решаваат преку ноќ.
Одигравме катастрофално прво полувреме, буквално ги преспавме првите 20. минути. Главен проблем беше офанзивниот скок, противникот беше доминантен под обрачите. Во овој период делувавме успорено, игравме без енергија. Имаше пет-шест ничии топки, кои ги собраа кошаркарите на Косово, беа побрзи во реакцијата. Згора на се погодивме една тројка од 13 обиди.Во второто полувреме се вративме. Ја сменивме играта во одбраната и дадовме над 40 поени.
Единствена добра работа на дуелот против Косово е што се вративме од минус 22 и дојдовме на два поени разлика. Да имаше утре две-три минути, сигурно ќе го добиевме мечот", изјави на „Спортмедиа", селекторот Јорданчо Давитков.

Поразот од Косово е само предупредување, шансата за пласман во квалификациите за Светското првенство 2019 не е изгубена.

„Далеку од изгубено. Доколку ги победиме двата домашни натпревар со солидна разлика, целта ќе биде оставрена", вели предовникот на националниот тим.

Нашите кошаркари немаат време за тажење, ниту пак за одмор. Во сабота во СЦ „Борис Трајковски", Македонија ја пречекува Естонија.

„Сите играат кошарка, никој нема да ни ја подари победата. Мора да се мобилизираме, максимално од првата минута, мора да дадеме 120 отсто доколку сакаме да победиме. Во скокот мора да бидеме подоминантни, а во нападот да ги погодиме отворените шутеви".

Од таборот на македонската репрезентација посакуваат да имаат поддршка од публиката, нешто што во моментов е најмногу потребно.

„Свесни сме дека Естонија и Косово не се звучни имиња, но нам ни е потребна поддршка од публиката. Во Приштина видовме што значи тоа, кошаркарите на Косово беа носени од добрата атмосфера", заврши Давитков.

По краток одмор, кошаркарите вечерва продолжуваат со подготовки за дуелот против Естонија. Билетите за настапот на нашата репрезентација во претквалификациите веќе се во продажба по цена од 150 денари за поединечен меч и 200 денари за двата домашни натпревари.

Најново во Кошарка