СЕЛЕКТОРОТ Е СВЕСЕН ЗА ПРОБЛЕМИТЕ

ДАВИТКОВ: „Со еден куршум треба да погодиме две мети"

Најголемите маки ги задава неформираниот играчки ростер кој е потребен да се минат прет-квалификациите за СК 2019, кои истовремено ќе ни ги отворат вратите за квалификациите за Европското првенство 2021 година. 

објавено: 21 јуни 2017 - 14:30

После цела една деценија Јорданчо Давитков се врати на кормилото на нашиот национален тим. Иако сеуште е под други „работни обврски", Давитков се врати дома, во обид да ги поправи резултатите кои се далеку од добри во изминатите неколку години. Особено во ланската кога сениорите застанаа во квалификациите, и не обезбедија место на Евробаскетот кој оваа година ќе се одржи во четири различни земји

Давитков е свесен е за актуелниот момент во кој живее и работи „А" селекцијата, побара подршка од медиумите, и призна, нема да биде лесно...

„После 10 години се гледаме повторно. Македонската кошарка се наоѓа во деликатна ситуација, и затоа барам поддршка од новинарите и сите што ја сакаат кошарката. Нема да биде лесно. Не чека макотрпна работа. По 10 години повторно сум селектор и повторно ќе биде тешко, не само во овие претквалификации, и не само за да се влезе во квалификациите за СК, туку да се обезбеди пласман на Мундијалот. Поедноставно кажано, 'со еден куршум треба да завршиме две работи' "- потенцираше повратникот во нашата репрезентативна кошарка.

Давитков знае дека јавноста очекува лесен премин преку Естонија и Косово, но веднаш предупредува дека тоа и не изгледа токму така.

„Ако некој мисли дека Естонија и Косово се лесни противници, се лаже. Тоа веќе го нема. Сите сакаат да играат кошарка. И не се толкав проблем Естонија и Косово, туку ростерот со кој ќе настапиме".

Давитков (по) бара од оние кои ќе дојдат, да ја креираат потребната атмосфера, „внатре во соблекувалната". Со една цел, да ја вратиме кошарката каде што и припаѓа.

„Се надевам дека ќе успееме да ја вратиме атмосферата. Мора да ја сфатиме крајно сериозно работата, и да се обидеме да ја вратиме кошарката таму каде што и е местото"- порача ново-стариот селектор на македонската сениорска селекција.

 

Најново во Кошарка