КОШАРКАРИТЕ ПОЧНУВААТ СО КОНТРОЛИТЕ

Димчевски и Крстевски се првите „избришани“ од списокот на селекторот Србиновски!

Македонија вечерва против Израел (20.15 часот) во салата „Билјанини извори" во Охрид го почнува циклусот пријателски средби додека утре, во истиот термин, противник ќе ни биде Украина.

објавено: 7 август 2015 - 13:20

Доскорешниот бек на Работнички, Ивица Димчевски и центарот на грчка Кавала, Бојан Крстевски се првите прекубројки на списокот на селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Марјан Србиновски, откако на двајцата им било кажано дека селекцијата без нив ќе патува за Охрид, каде што денеска и утре ќе ги одигра првите контролни средби и тоа против Израел односно Украина во Охрид.

„Им благодарам на двајцата кошаркари за прикажаното на теренот на досегашпните тренинзи, а играчите кои остануваат ќе работат заедно сѐ до заминувањето за Загреб (домаќин на групата од ЕП во која се жолто-црвените“-н.з.). Зад нас е оној базичен дел од подготовките и кошаркарите нормално се радуваат на тоа што доаѓа, а тоа е работата со топка“, вели селекторот Србиновски.

Репрезентацијата на тренинзите во охридската сала „Билјанини извори“ ќе биде посилна за натурализираниот Американец Ричард Хендрикс, кој, сепак, нема да настапи на претстојните пријателски средби, туку ќе работи на достигнување на истото ниво на физичка подготовка на кое се сега неговите соиграчи. Жолто-црвените вечерва ќе ги одмерат силите со Израел (20.15 часот), традиционално незгоден противник за нас, кој многу пати досега нѐ има расплакано. Утре, во истиот термин, е дуелот со Украина досека в недела помеѓусебе ќе играат нашите два први ривали.

„На двете средби нема да влеземе со онаа фраза дека резултатот ни е во втор план, но реално е дека во овој дел од подготовките не можеме да очекуваме и нешто премногу од репрезентативците. За трите селекции ова се први мечеви во кои ќе се мери моменталната форма, па од таа гледна точка во овие контроли влегуваме од истата појдовна основа“, дополнува популарниот Марче.

Билетите за сите три средби ќе чинат по сто денари, а ќе може да се купат на благајната на салата во Охрид.

Најново во Кошарка