СРБИНОТ НЕ ОЧЕКУВАЛ ВАКОВ РАСПЛЕТ

Џикиќ по отказот: Во шок сум, навистина не знам зошто повеќе не сум селектор на Македонија!

Жолто-црвените денеска, неочекувано, добија нов селектор, Марјан Србиновски, откако беше прекината соработката со тренерот кој преки ланските успешни квалификации нѐ одведе на ЕП 2015.

објавено: 22 јули 2015 - 21:32

Доскорешниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Џикиќ, во текот на целиот денешен ден беше недостапен за коментар за македонските медиуми по повод добиениот отказ од челниците на МКФ, но за новинарите од Србија изјави дека е максимално изненаден и дека воопшто не очекувал вакво сценарио на само неколку дена пред почетокот на подготовките за претстојното Европско првенство (ЕП).

Српскиот стратег веста за смената, барем според неговите зборови, ја добил утринава и тоа преку електронска пошта.

„Апсолутно не ја знам причината за мојата смена од кормилото на репрезентацијата на Македонија. Само добив кус имејл и тоа откако македонските медиуми на големо почнаа за информацијата објавена на официјалниот сајт на федерацијата“, изјави Џикиќ за интернет-порталот „Моцарт спорт“.

Во продолжение, Џикиќ воопшто не ја криел изненаденоста од ваквата одлука на луѓето задолжени да ја предводат македонската кошарка.

„Во шок сум! Првиот тренинг веќе беше закажан за в сабота, а беа закажани и сите контролни средби. Свесни сте и вие што за секој тренер значи настап на едно ЕП, мене правото да го доживеам тоа ми беше одземено со едно кусо и сиромашно објаснување“, дополни корпулентниот белграѓанин.

Според денешната информација на сајтот на МКФ, Џикиќ е сменет поради „нарушената соработка и недоверба во органите на федерацијата“, а на негово место експресно е назначен Марјан Србиновски. Србинот лани седна на клупата на жолто-црвените и со подмладен состав успеа да избори пласман на континенталниот собир, кој во септември ќе го почнеме во Загреб во група со Хрватска, Словенија, Грција, Грузија и со Холандија.

Најново во Кошарка