ГЕВГЕЛИЧАНИ ЈА ОДРАБОТИЈА ДОМАШНАТА ОБВРСКА ЗА „ДЕСЕТКА“

ГЕТОВ: Се надевам дека ја оправдавме улогата на добри домаќини!

Не беа премногу забележливи, не беа „видени" од страна на спортската, и пред се кошаркарската јавност. Но луѓето од КК Кожув, предводени од Ѓорѓи Гетов се погрижија гостувањето на нашиот сениорски национален тим, оние денови на празник на кошарката во Гевгелија, да бидат тоа, и во онаа вистинска смисла на зборот.

објавено: 5 декември 2018 - 20:00

Не беа премногу забележливи, не беа „видени" од страна на спортската, и пред се кошаркарската јавност. Но луѓето од КК Кожув, предводени од Ѓорѓи Гетов се погрижија гостувањето на нашиот сениорски национален тим, оние денови на празник на кошарката во Гевгелија, да бидат тоа, и во онаа вистинска смисла на зборот.

И сега, откако се заврши, Гетов и неговите соработници остануваат „долу на земја". Не сакаат преголемо експонирање по сработеното во изминатите денови, и успешната реализација на обврските кои ги добија со добивањето на организацијата на натпреварот Македонија-Косово.

„Прво да се заблагодарам на Македонската кошаркарска федерација за дадената прилика да бидеме домаќини на овој вака важен натпревар за нашиот национален тим. Можам да кажам дека дадовме максимум, пред се за да се покажеме во добро светло. Се надевам дека и ја оправдавме улогата на домаќини"- вели еден од виновниците за беспрекорната организација на овој „фестивал на кошарката" во Гевгелија.

Гетов издвојува неколку моменти во целата оваа приказна.

„Пред се, драго ни е што нашата селекција победи на овој важен натпревар. А исто така драго ни е што покажавме дека гевгелиската публика, заедно со нашиот шести играч, навивачите, 'Фантомите', навиваа коректно од првиот до последниот момент на натпреварот. Исто така морам да напоменам дека 'Фантомите" ни помогнаа во делот на организацијата за што сме им исто така многу благодарни. Посебна благодарност до нашиот градоначалник, Сашо Поцков, без чие несебично, лично залагање, сето ова можеби и немаше да изгледа како што е, како што беше во тие коашркарски денови во нашиот град".

Не само во овие неколку дена, туку воопшто, едноставно кажано, Гевгелија пулсира со кошарката.

„Би рекол дека Гевгелија живее за кошарката. Еве сега ни претстои дерби натпревар со Блокотехна за кој се спремаме најдобро што можеме. Се надеваме дека е ги израдуваме нашите верни симпатизери. Не е тајна, очекувам атмосферата од натпреварот Македонија- Косово да се повтори и овој викенд на дерби натпреварот со нашиот градски ривал"- најавува Гетов.

Б. Радуловиќ

 

Најново во Кошарка