ПОМИНАВМЕ ПОКРАЈ АЛБАНИЈА, НО ПАДНАВМЕ ПРЕД ДРУГА ПРЕЧКА

Грузијците нè вратија назад, во реалноста!

Нашите младинци беа далеку од добри во дуелот со Грузија, на крајот и заслужено се убедливо поразени (48:78), па сега одиме по потешкиот пат кон планираната цел

објавено: 16 јули 2017 - 17:25

Македонија тешко ја совлада Албанија, а мошне лесно загуби од Грузија во второто коло од групата фаза на ЕП од Дивизијата „Б", кое се одржува во романската Орадеа.

Нашите кошаркари „Под 20" години, беа далеку од добри против мотивираниот противник на крајот тоа резултираше и со убедлива загуба.

Грузија – Македонија 78:48 (22-14; 15-10; 17-17; 24-7)

Андреј Маслинко постигна половина од поените за нашата селекција во првиот дел. Имаше високото крило 12 реализации, но немаше скоро никаква подршка во нападот од соиграчите.
Делуваа премногу бавно нападите на нашиот младински состав. Се чини дека влегоа во игра, во ритам, кој му одговора на противникот
Во ниту еден момент не направивме некаква промена во играта, постојано некако се инсистираше на шут од далечина. А ако се земе в предвид она што го вели статистиката, за тоа прво полувреме (0/10 за три поени), станува јасно зошто Грузија имаше високи (37:24), а минута-две пред тоа и уште поубедливи, двојно повеќе, (35:18)
Втор ден по ред, нападот беше наш голем проблем, му кумуваше секако, лошата реализација (36% од поле, односно од позициите кои вредат два поени). Агресивноста во одбраната ја „плативме" со 15 „лични" за 20. минути, што исто така е премногу за вакви мечеви.
Заокружено со послабиот скок, сето тоа ја дава и сликата за тоа очајно полувреме.


Имавме добри пет минути (со помош на Робев) во продолжението во кои ја симнавме негативата на Грузија на едноцифрена (33:41).
За жал, тоа беше нашиот последен обид да се вратиме во овој натпревар по кој шансите да направиме нешто во Орадеа, се драстично намалени.
Се понатаму беше вистински дебакл за нашата селекција, која тешко ќе се опорави од овој шок односно минус од 30. поени.
Особено што веќе во следното коло од групата „Ц", играме против селекцијата на домаќинот – Романија, која зад себе има две победи, но и подршката од навивачите, што само ги усложнува работите за тимот кој го предводи селекторот Мирко Петрески.
Добра работа за нашиот тим во Орадеа е што утре е слободен ден, па ќе имаат 24 часа плус за подготовка за она што следува. Веројатно и пресудниот меч на турнир, барем во овој прв круг од натпреварите. Оној против селекцијата на Романија предвиден за вторник, од 17.30 часот

 



Најново во Кошарка