ПРЕСЕДАН, И ТОА ВИСТИНСКИ

Има ли МКФ компас?

Звучи неверојатно, однапред закажаниот старт на подготовките на сениорскиот национален тим, на „молба" на играчите, да биде одложен за една седмица.

објавено: 7 јуни 2018 - 17:30

Тоа го има само, и веројатно, во Македонската кошаркарска федерација.

Како поинаку да се протолкува одлуката на стручниот штаб на нашиот сениорски национален тим, да ја промени одлуката за почетокот на подготовките за она што следува во претквалификациите.
Односно на три-четири дена од првобитниот термин, 11. јуни, да ги информира кошаркарите а потоа и јавноста, дека тоа „не важи".
Односно дека новиот термин за почетокот на работата пред дуелот со Швајцарија закажан за 28. јуни, е десет дена порано, на 18. јуни.
Секако ако и дотогаш не се случи некое ново поместување.
Преседан, и тоа вистински....
Не може поинаку да се оквалификува овој нов гаф од луѓето кои ја водат федерацијата.
Релано, најавата за такво нешто стигна оној ден кога и официјално беше објавено дека подготовките треба да почнат еден ден по крајот на школската година. Односно кога макар и во неофицијална форма, петмина репрезентативци побараа да се случи токму ова, да добијат некој ден плус, пред се за одмор по напорите кои со себе ги носи сезоната.
Веројатно таа бројка била и поголема, затоа што оној „млад дел од тимот", барем засега, нема „право на глас" како оние постарите, поискусните, чиј глас, сепак, се слуша.
И не е спорно, секој сака ден-два, и повеќе одмор. Но треба и да се почитува некој ред, а селекторот да има авторитет кај оние со кои треба да ги одработи.
И тој, а и оние кои го поставија, го загубија компасот.
Не предвидоа дека некому му треба нешто повеќе...
Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка