ЗОШТО ВО ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ НЕ ИГРАА НАЈДОБРИТЕ?

Изгледа дека „сме фрлале со камења по Господ"!

Зошто не играа, или не сакаа да играат Перо Антиќ, Предраг Самарџиски, Бојан Трајковски, Дарко Соколов, да не ги заборавиме, Ненад Димитријевиќ, па и Кристијан Николов?

објавено: 20 август 2017 - 17:30

Пишува: Бобан Радуловиќ

Зошто не играа, или не сакаа да играат Перо Антиќ, Предраг Самарџиски, Бојан Трајковски, Дарко Соколов, да не го заборавиме, Ненад Димитријевиќ, па и Кристијан Николов?

Тоа е прашање на кое некој сега да најде одговор и да се амнестира од својата вина,
Селекторот, или повекот кој треба да се (по) грижи да го формира најдобриот наш национален тим во сениорска конкуренција, секако со голема помош од оние кои и го поставиле да биде на така одговорна функција.
Јорданчо Давитков се реши да се коцка, со угледот, со кариерата како тренер кој долги години е надвор од Македонија, и тоа многу далеку. Па дури и од европската кошарка.
Треба да играат најдобрите, но во овој претквалификациски циклус ни далеку не беше баш така.
Ниту МКФ, уште помалку Давитков, не најдоа сили и пред се решение, на едно место да ги соберат оние кои треба да ја донесат Македонија до посакуваната цел.
Можеби се обидувале, но не дошле до крајното решение – Македонија да има состав кој знае што сака во овие четири натпревари.
Ајде да одиме по ред...


Долго време ја „лажеа" јавноста дека е најден заеднички јазик, и дека постои можност дека Перо Антиќ ќе се активира во националниот тим и дека ќе помогне во претквалификациите.

На ваков или онаков начин.

Епилогот беше, односно е познат, не навлагајќи во причините (до крај) зошто е тоа така.
Зошто не играше Бојан Трајковски, или еден од играчите кои беа меѓу носителите на играта кај еден друг селектор – Александар Џикиќ?


Тука стои едно „оправдание", кое вели, а досега никој не сака да го изнесе во јавноста, дека биле нарушени релациите со Ѓорѓи Чековски, кој нешто пред тоа, прифатил да заигра уште еднаш, и да помогне колку може.
Тоа не е никакво оправдание пред составот на селекцијата дека Трајковски-Чековски не можат да функционираат заедно, или во ист тим, барем во едне претквалификациски циклус.
Тоа е само една чиста демагогија, и ништо повеќе од тоа.
За потсетување, Трајковски дојде во Карпош Соколи, беше еден од оние кои донесоа вистинска „преродба" кај „соколите". Играч кој помогна да го освојат Купот на Македонија, да опстанат во АБА лигата, и кој поради тоа, а не други нешта, направи трансфер во ново-стариот шампион, МЗТ Скопје.
Сепак, ние и немаме „милијарда" играчи, па да се откажуваме од вакви, кои зад себе имаат „си-ви" кое треба да се почитува во најмала рака.
Предраг Самарџиски, за него идеална прилика ќе беше да се врати преку подготовките со националниот тим. Зошто не го направи тоа, тоа останува дилема, исто како и онаа која вели дека второ лето по ред во тимот го нема некогаш незаменливиот Дарко Соколов?
А Соколов беше еден од тимот на сега веќе „човекот од недоверба" кого претседателот на МКФ и неговиот „советник за сите" прашања, го избришаа најбрзо што можеа.
Составот: Војдан Стојановски, Костоски, Јанески, Брчков, Ѓуроски, Симоновски, Магдевски, Младеновски, Хендрикс, Дамјан Стојановски, Димчевски, Соколов и Трајковски, на Македонија и донесе уште едно учество на Европско првенство. Она во 2015 година кое се одржа во Загреб, а на кое како дополнителни засилувања, во последен момент беа донесени или „замени" да играат, Владо Илиевски и Предраг Самарџиски, но сега од еден друг селектор, а не е Џикиќ.
Загреб и Хрватска тогаш не го видоа Јанески и Магдевски за кои тогаш беа најдени и своевидни замени.


Во јавноста, макар и „тивко" беше најавено дека постои шанса Кристијан Николов одново да заигра во националниот тим. Но се некако остана на најава.
Талентираниот бек, кој промени неколку тимови во Турција, остана „ни на небо, ни на земја".
Давитков се обиде, проба да ја објасни и ситуацијата со Ненад Димитријевиќ, а МКФ отиде уште понатаму, му се закани со суспензија на нашиот веројатно и најталентиран играч кој го имаме во овој момент, па и основата околу која треба да се гради новата Македонија во кошаркарски репрезентативен смисол.


Сето друго е само едно изнудено решение, како на пример она со Диме Тасовски, па и со Ѓорѓи Чековски.
Секоја чест за нив, ја прифатија поканата, издржаа колку што можат, но тоа не беше „решение" за оваа работа.
На крајот излезе дека и вториот ризик на Давитков не му се исплатеше...
Третиот пак е посебна приказна за себе, соработниците...


Иако е и повеќе од искусен, Давитков прифати една за него барем несвојствена работа, во старт, од почеток да му бидат наметнати асистентите, односно да не ги бира тој, туку федерацијата.
МКФ прво ги одбра помошниците, а потоа главниот во оваа неуспешна приказна, момент за кој одново вината треба да се бара кај оној што треба да „пресече". Ако си веќе селектор, треба и да си го составиш тимот кој треба да победува.
Вака испадна сосема спротивното, особено помошта која ја доби од „придружбата", која му сервираше такво мени во кое во мечот на одлука најмалку искусниот наш кошаркар треба да го чува (од самиот почеток), најдобриот напаѓач на противникот, во овој случај Косово.
За тоа колкав беше падот во играта во второто полувреме особено последната четвртина, ќе треба да каже токму одговорниот за тоа, во анализата зошто е тоа така.

И не е дека Македонија нема(ше) играчи за овој циклус, туку прашањето е зошто ги немаше?
Вистина е дека Дамјан Стојановски и Марко Симоновски, да не заборавиме и на Андреј Магдевски, беа во аут, од други несакани причини.
Но, изгледа дека „сме фрлале со камења по Господ", како што тоа Давитков го кажа во еден момент на радост (по победата, единствена, против Косово, во Скопје), а тој истиот не ни помогна, ни во Скопје, ни во Талин, ни во Приштина...
Изгледа дека не сме заслужиле да биде така!

Најново во Кошарка