МАКЕДОНИЈА ГО СОЧУВА ШАНСИТЕ ЗА МЕСТО ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ

КОСТОСКИ: Покажавме дека можеме, дека знаеме

„Во овој момент не сме во ситуација да зборуваме за некоја убавина во играта. Ова се натпреварувачки мечеви во кои се бара резултат. Го реализиравме планот со ова победа над Косово. Но свесни сме дека треба да играме добро и во Талин" - вели еден од најдобрите поединци во нашиот тим за првиот претквалификациски триумф.

објавено: 13 август 2017 - 12:30

Македонија ја одбрани првата меч-топка, со тениски жаргон кажано гласи победата над Косово.

Но за да имаме резултат, ќе ни треба уште една таква работа. Макар и во едни малку поинакви услови – гостински. Оние кои ни ги нуди гостувањето во Талин и дуелот со селекцијата на Естонија.
Македонија го совлада Косово со 87:74, што е прва победа за нашиот национален тим во претквалификациите за СК 2019 во Кина.
И се чини дека тоа е сега најважниот момент за составот кој го предводи Јорданчо Давитков. Останува уште една голема, тешка задача, да бидеме подобри од Естонија на нивнито терен.
А се чини дека ако Македонија игра како во второто полувреме на дуелот со Косово, и можеме да се надеваме на еден успешен резултат, а тоа во кошарката е секогаш победата.
Јасна е ситуацијата. Зависиме самите од себе, со триумф над Естонците ги симнуваме дилемите, ќе играме во квалификациите.
Со пораз пак, ќе мора да чекаме квалитетна нивна претстава во Приштина, и пораз на Косово.
Репер треба да ни е играта од оние втори 20 минути против Косово.
Побрза и поефикасна игра од носителите на играта, што тоа во овој случај и дојде. Костоски почна да погодува од сите страни, теодор беше расположен уште во првито дел од играта. Подоцна „се појави" и капитенот Стојановски, но сепак, најголемиот ќар дефинитивно е играта на Младеновски.
Ротираше на центарската позиција, го одмори Чековски, му зема минути на Николовски, не ги „пушти" во игра Јанески и Брчков...


Александар Костоски вели дека тоа е најдоброто полувреме за нас во оваа трка за место во квалификациите.

„Во овој момент не сме во ситуација да зборуваме за некоја убавина во играта. Ова се натпреварувачки мечеви во кои се бара резултат. Го реализиравме планот со ова победа над Косово. Но свесни сме дека треба да играме добро и во Талин"- вели нашиот организатор на играта.

„Првиот дел го одигравме во некој грч. Како да се чувствуваше тој момент на 'морање'. Дека по секоја цена треба да бидеме најмалку за пет поени подобри од противникот. Кога престанавме да мислиме на тоа, односно кога почнавме да играме, беше многу полесно. Кога ја отворивме играта, ја направивме и таа двоцифрена предност. Добра работа во сето ова е што поентираа повеќе играчи, што ете стигна помош и од играчи кои досега не играа воопто или многу малку. За нас секој поен е важен"- дополнува стрелецот на пет тројки на овој натпревар по кој јасно е како треба да „работиме" понатаму.

„Покажавме дека можеме, дека знаеме. Но свесни сме дека ова е само половина од работата, дека ни претстои оној потежок дел. Патот до Талин и играњето со Естонија. Ако ништо друго се поодморни од нас. Но тука нема да бараме алиби. Тоа е натпревар во кој може да добиеме многу, навистина многу. Ако го загубиме, ќе зависиме од некој друг. Не би сакале такво сценарио"- се надева Костоски.

Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка