СЕЛЕКТОРОT ОЧЕКУВА ДОБРИ ИГРИ НА СЕНИОРКИТЕ

ЛАЗОВСКИ: Недостасуваат шест, но јас верувам во овие девојки!

“Од тимот кој го имавме на почетокот недостасуваат шест играчи - три што се во Америка и од објективни причини не можат да дојдат како и тие кои се отсутни поради несреќните повреди во изминатата недела. Антиќ и Пејковска имаат повреда на лигаментите, а Тантуровска има скршеница на две ребра, па на нив три нема да можеме да сметаме во овој прозорец“- потврдува предводникот на женскиот национален тим.

објавено: 6 ноември 2017 - 18:50

Со големи проблеми, и скратена ротација се соочи селекторот на нашиот женски сениорски национален тим, Марјан Лазовски на стартот од мини подготовките пред почетокот на квалификациите за Европското првенство 2019 година. 

Освен што не може да смета на трите „Американки“, Лазовски во последен момент остана и без помош на уште три повредени кошаркарки.

Но затоа пак вели дека има потполна доверба во оние кои вечерва се појавија во СЦ „Јанe Сандански“. 

Од тимот кој го имавме на почетокот недостасуваат шест играчи - три што се во Америка и од објективни причини не можат да дојдат како и тие кои се отсутно поради несреќните повреди во изминатата недела. Антиќ и Пејковска имаат повреда на лигаментите, а Тантуровска има скршеница на две ребра, па на нив три нема да можеме да сметаме во овој прозорец. Јас верувам во овие девојки.

Атмосферата што веќе ја има во репрезентацијата ќе ја кренеме на уште повисоко ниво и недостатококот од играчите ќе го надополниме со борбеност, агресивност и со жртвување на теренот за да постигнеме што подобри резултати. Италија ни е првиот противник во овој прозорец.

Станува збор за исклучително силна репрезентација која има континуитет на настапи на Европските првенства. Ќе направиме една добра хемија во тимот, да и се претставиме што подобро на домашната публика и да пружиме што поголем отпор на противниците. И да ни се укаже најмала шанса ќе се обидеме да ја искористиме.

Се враќаме после 3-4 години отсуство од настапи во квалификации. Имаме и подмладок на репрезентацијата со кошаркарки од 18 односно 19 години кои првпат се соочуваат со ваков сериозен настап. Тој хендикеп ќе го амортизираме со агресивност. Мислам дека девојките ќе бидат посветени на она што го работиме. Искуството ќе го надополниме со енергија и со големата желба за игра. Имаме играчи кои се надевам дека ќе одиграат на висина на задача и нема да изгорат во желбата за самодокажување.

И во јуни кога се подготвувавме за турнирот во Скопје им кажав на девојките да не го чувствуваат тој притисок што го носат квалификациите за Европското првенство и да ни го остават на мене и на стручниот штаб, а тие на терен да покажат најдобро што знаат односно да играат кошарка и да се забавуваат додека го прават тоа"- порача по првиот тренинг селекторот Марјан Лазовски.

 

ФОТО: мкф.мк

Најново во Кошарка