БЕЛГРАД – ДОМАЌИН НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА СРЕДНОШКОЛЦИ

Македонска „четворка" меѓу светските „баскетџии"

Екипата во која се Мартин Анчевски, Ељеса Камбери, Ненад Радуловиќ и Љубен Митрев, во наредните неколку дена, ќе се обиде да стигне до што е можно подобар резултат на овој светски самит на играчи во се попопуларната игра „3 на 3"...

објавено: 22 јуни 2018 - 17:25

Млади атлети од 29. земји од целиот свет тргнуваат за Белград, каде од недела стартува новото издание на Светскиот средношколски шампионат во кошарка „3 на 3", организиран од страна на српската федерација за средношколски спорт.

За среќа, и Македонија ќе биде дел од овој голем кошаркарски проект за млади спортисти.
Односно ќе бидеме претставувани од страна на една наша кошаркарска „четворка" во која членуваат Мартин Анчевски, Ељеса Камбери, Ненад Радуловиќ и Љубен Митрев, а ги предводи тренерот Панче Јакимовски.

„Не беше воопшто лесно, пред се затоа што имавме кратко време за некои сериозни подготовки. Но јас верувам во овие деца, кои дадоа се од себе да бидат што е можно поспремни за ова и тоа како силно натпреварување. Нашата идеја не е само да учествуваме. Туку да се обидеме сите заедно, да направиме што е можно подобар резултат во Белград" - најавува Јакимовски пред вечерашното поаѓање за српската престолнина.

Многу важен детаљ, според Јакимовски, ќе биде ждрепката планирана за 24. јуни, во 10.часот, по која два часа подоцна, во салите на „Белекспо" ќе почнат натпреварите.

„Конкуренцијата е голема. Во машкиот дел има 27. национални репрезентации, пет помалку се во женска конкуренција, каде за жал не учествуваме. Се надеваме дека ќе имаме добра ждрепка, и дека ќе имаме добар пат кон оние завршни натпревари на овој шампионат"- дополнува предводникот на оваа наша мини-селекција која ќе се натпреварува во Белград.

Најново во Кошарка