ФИБА ОДЛУЧИ:

Мундобаскетот ќе се „шири" во повеќе земји

За прв пат во историјата, Светскиот куп, оној во 2023 година, ќе биде организиран во најмалку две различни земји од светот... Одлуката за „домаќинството" на 9. декември...

објавено: 23 ноември 2017 - 22:35

Светскиот кошаркарски Куп, оној планиран за 2023 година, за прв пат во историјата ќе се одржи во повеќе од една земја на светот.

Ова откако Светската кошаркарска федерација ги прифати заедничките кандидатури на Аргентина и Уругвај, односно на Индонезија, Јапонија и Филипини за добивање на организацијата на светската кошаркарска смотра.
Овие две одвоени кандидатури беа испратени во предвидениот рок, а потврдени на седницата на Техничкиот комитет на ФИБА.

„Задоволство ми е да објавам дека Аргентина и Уругвај, односно Индонезија, Јапонија и Филипини се последните два кандидати кои ќе се тркаат за добивање на организацијата на Светскиот Куп во 2023 година. Во изминатите години видовме дека оваа формула дава доста успех. Така беше и на последните два Евробаскети, но и на шампионатите во Африка односно во Америка во оваа 2017 година. Убедели сме целосно дека оваа формула ќе има ефект и во ова натпреварување. Впрочем тоа се земји со богата кошаркарска традиција, и пасионирани фанови на оваа игра" - потврди Патрик Бауман, генералниот секретар на ФИБА.

Двете кандидатури ќе бидат претставени на Централниот Борд на ФИБА, закажан за 9. декември. Ден подоцна, по гласањето на членовите на Бордот, ќе биде познато името на домаќинот на СК во 2023 година.

Најново во Кошарка