ЃОРЃЕ ВОЈНОВИЌ РЕАГИРА НА НЕСФАТЛИВАТА ОДЛУКА НА МКФ:

На деца ли ќе покажуваме мускули?!

Поранешниот кошаркар и репрезентативец на нашата земја, некогашен генерален секретар на МКФ, сега успешен бизнисмен и помагател во спортот, не може да го прифати фактот дека раководството на федерацијата се одлучи за еден таков потег - да го суспендира Ненад Димитријевиќ на период од шест месеци

објавено: 6 октомври 2018 - 14:00

Поранешниот кошаркар и репрезентативец на нашата земја, некогашен генерален секретар на МКФ, сега успешен бизнисмен и помагател во спортот, не може да го прифати фактот дека раководството на федерацијата се одлучи за еден таков потег - да го суспендира Ненад Димитријевиќ на период од шест месеци

Казната е изречена од Дисциплинската комисија на МКФ, а се однесува на отсуството на Ненад Димитријевиќ ова лето, во селекцијата „Под 20" години која што играше на ЕП во Софија, во „Б" дивизијата.

"Се функционира како што треба, па сега ќе покажуваме мускули на дете кое што треба да биде носител на нашата игра во блиска иднина. Правилата треба да се почитуваат, но да важат подеднакво за сите.

Толку ли е битно да казниме играч за младинска селекција, кој што може да го загубиме за во иднина за А селекцијата, а кој што не го создаде македонската кошарка, туку ни доаѓа гратис од една од најсилните лиги на светот. Затоа и велам, адеј, под итно да се избркаат сите таленти од Македонија!?" – вели Војновиќ.

Знае некогашниот прв оперативец на федерацијата дека за се, и секогаш постојат решенија, а не вакви одлуки кои не се корист за никого...

„Не треба многу да се паметува, и да се каже, да се констатира дека секогаш може да се најде решение. Едноставно, ова мора да се стопира. За доброто на македонската кошарка, на кое што толку често се повикуваме, а работиме со тројни аршини. Во спротивно, може да ја затвориме канцеларијата на нашата кошарка, затоа што ова не е вистинскиот правец по кој што треба да се движиме" – смета Војновиќ.

Ненад Димитријевиќ е суспендиран по пријава на селекторот на селекцијата „Под 20" години, Никола Василев, со забелешка дека Димитријевиќ пријавил повреда, за потоа индивидуално да тренира со максимален интензитет.

"Да, со Нено немаше да бидеме на 35 место, туку ќе завршевме како 32. на тоа ЕП. Не потценувам никого, особено не нашите играчи. Но фактичката состојба ни е таа... И зошто сега едно дете да го плаќа цехот? Па ако тој и другите таленти се најголемиот проблем тогаш да ги казниме и избркаме и се ќе биде во ред".

Сега се соочуваме со можност, и тоа реална, секојдневно да имаме одлив на млади и талентирани кошаркари. Па и нема да биде чудно доколку се реализираат иако неофицијални, најавите дека можеби Димитријевиќ ќе побара и некое друго решение. Она кое се граничи со промена на оној т.н. „спортски пасош".
Не смее да се заборави и на случајот „Дино Боцевски", уште еден млад кошаркар (роден 2003 година), кој играњето за Македонија го промени со она за Србија.

„Не е само Боцевски, има и други кои не веруваат во системот на функционирање на нештата во нашата кошарка. Не би ме чудело кога следен на ред би бил Симиќ. Еден неверојатен талент, момче кое беше одбрано од еден таков кошаркарски гигант како што несомнено е Барселона. Што му преостанува, да верува во системот, да очекува дека и тој би можел да биде следниот на ред и да биде суспендиран, ако не може да се отповика на некој повик за настап во националниот тим. Каде одиме ние, во која насока со децата кои несомнено се талентирани, и кои сакаат да успеат во она што земале да го работат".

Иако поминаа многу години, Војновиќ памети, и тоа добро, некои работи,вели дека не се забораваат така лесно...

„Се уште добро паметам дека некои членови на нашето сегашно раководство, во наше време, или тогаш, одбиваа да играат и условуваа со промена на раководства на федерацијата" – потсетува Војновиќ.

И не е тешко да се погоди кон кого се упатени овие зборови, директно во целта – онаа претседателската.

Најново во Кошарка