На јуниорскиот репрезентативец одлично му оди во Шпанија

Ненад Димитријевиќ, кошаркарското чудо од Македонија, прераснува во првотимец на Хувентуд

Најдобриот млад играч во Македонија за 2016 година, Ненад Димитријевиќ, не само што оваа сезона одигра четири меча во дресот на Хувентуд, тој се запиша во листата на стрелци против гигантите, Барселона и Реал Мадрид. 

објавено: 24 јануари 2017 - 14:33

Во последните години, ретки се младите играчи од Македонија, кои за кратко време успеале да станат првотимци во познатите европски тимови.

Ова засега му успева на Ненад Димитријевиќ. Најдобриот млад кошаркар во Македонија за 2016 година е петта сезона во младите категории на Хувентуд. За ова време успеа да избори место во првиот тим на овој клуб и да се запише во листата на стрелци против шпанските гиганти.

Димитријевиќ до сега има одиграно четири натпревари во АЦБ-лигата. Во својот прв меч сезонава, без пардон ѝ даде тројка на Барселона. Кошаркарско чудо од Македонија, како што многумина странски медиуми го пишуваа, одигра 13. минути за кои подели и една асистенција. Каталонскиот гигант се извлече, славеше со минимални 79:77.

Нено доби скормна минутажа против Реал Мадрид. Иако одигра само четири минути, сепак тоа не го спречи да постигне два поени и тоа од единствениот обид од поле.

Димитријевиќ се најде во составот на Хувентуд и викендов. На гостувањето кај Флуенлабрада, одигра три минути и повторно постигна два поени (1/1 за два поени), но за жал неговиот тим беше поразен со 94:88.

Ваквите резултати, но и причината поради која јуниорскиот репрезентативец се најде во првиот тим не се случајни. Тој уште во својата прва година во младинската екипа на Хувентуд покажа дека поседува голем квалитет, но и дека ќе биде новиот лидер на македонската сениорска репрезентација.

Неговите игри не останаа забележни ниту летото што измина, тој се најде на поширокиот список на екс-селекторот, Драган Раца, а беше главен лидер на Европското Б Дивизија до 18 години што се одигра во Скопје.

 

Најново во Кошарка