МКФ ИМА НОВ ПРЕДВОДНИК НА „ЦРВЕНО-ЖОЛТИТЕ"

ЕКСКЛУЗИВНО: Нов македонски селектор ќе биде... МАРЈАН ИЛИЕВСКИ?

„Спортмедиа“ дознава дека името на новиот предводник на националниот тим ќе биде некогашниот играч на Неметали Огражден, Куманово, МЗТ Скопје, Никол Ферт, Куманово, Соколи и Вардар Огигурување

објавено: 1 март 2017 - 19:53

Актуелниот тренер на гевгелиска „Блокотехна", е најголемиот кандидат да ја превземе селекторската функција која остана празна по заминувањето на Драган Раца. „Во игра" за оваа позиција е и Љупчо Малинков, кој има обврски кон екипата на Фени Индустри...

Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација тргнува во изборот на нови предводници на нашите национални тимови, односно оние кои имаат обврски во текот на претстојното лето.
Можно е МКФ да избере нов селектор на машкиот сениорски национален тим веќе на закажаниот состанок на УО, кој е предвиден за утре попладне.

Според неофицијални информации кои стигнуваат од „Куќата на кошарката", најверојатно нов селектор ќе биде некој македонски тренер, иако не е исклучена варијантата повторно да се оди на странско решение...
Но откако пропаднала една варијанта за која МКФ сериозно била заинтересирана, сега фаворит за преземање на функцијата е македонски тренер.

Во овој момент, во „преден план" се појавува името на Марјан Илиевски.


Четириесет и еден годишен македонски кошаркарски стручњак, кој по играчката кариера (како дел од екипите на Неметали Огражден, Куманово, МЗТ Скопје, Никол Ферт, Куманово, Соколи, Вардар Осигурување), од сезоната 2009/2010 продолжи со тренерската.

Прво како асистент-тренер во екипата на Вардар Осигурување, потоа две сезони како предводник на скопска Лирија, нешто помалку во Сигал Приштина, за лани да го превземе и кормилото на гевгелиски Кожув.

И сега е со „работа" во Гевгелија, но како прв тренер на новоформираниот кошаркарски клуб „Блокотехна".
Исто така под знакот на неофицијалното, се говори дека во игра за првото тренерско место во нашата кошарка е и актуелниот шеф на стручниот штаб на кавадаречки Фени Индустри, Љупчо Малинков.

Но негов „хендикеп" се токму обврските кон клубот од Кавадарци.

Претходно, Малинков работеше како селектор на нашиот национален тим „Под 20" години.
Инаку, на седницата која е закажана за утре попладне, Управниот одбор на МКФ ќе ги разгледува и предлозите на Стручниот совет за селектори на другите селекции, пред сè во младинските категории.
„Одборниците" ќе гласаат и за разгледување и усвојување на завршната пресметка на федерацијата за 2016 година.

И иако само едната точка на дневниот ред е директно поврзана со финансиското работење на федерацијата, челниците на МКФ решија оваа седница да биде од затворен карактер (поради расправа околу финансиите). Дури потоа, за одлуките ќе ја информираат јавноста.

Најново во Кошарка