МАКЕДОНИЈА СО „ЗАДОЛЖИТЕЛНО" ВЕЧЕРВА (20.30) ПРОТИВ КОСОВО

„Пет плус" за теорија плус!

Второто полувреме во Приштина е патоказот по кој треба да оди македонската сениорска репрезентација на вечерашниот дуел со Косово, доколку сака да остане во трка за место на квалификациите за Светското првенство.

објавено: 12 август 2017 - 18:00

Победа од повеќе од четири поени разлика (за да бидеме подобри во меѓусебните дуели, што може да биде решавачко ако двете селекции на крај имаат ист број на бодови), ја носи Македонија на второто место во групата во пресрет на завршните две кола, во кои Естонија игра дома со Македонија, а потоа гостува кај Косово.

Контроверзната одлука на Македонската кошаркарска федерација за непродавање на билети, значи дека на трибините во „Борис Трајковски" ќе има малку публика, ќе присуствуваат само оние гледачи кои поседуваат блок карти за двата меча. Идејата е да се избегнат можни инциденти за кои организаторот, во случајов МКФ, би бил ригорозно казнет од ФИБА. Нашите репрезентативци се навикнаа да играат пред 500-600 гледачи, па нема да им биде проблем во таква атмосфера да играат и со должникот Косово на кого треба да му се реваншираат за поразот на 2 август.

После двата порази на стартот, расположението во тимот беше на ниско ниво, јавноста е разочарана од резултатите, но после една недела од одигрувањето на вториот меч, оној дома со Естонија, сега со постудени глави се размислува, и фокусот е само кон денешната битка со соседите.

„Трениравме добро неделава, имавме време за разговори, за анализа, играчите се свесни во каква ситуација сме. Според нивните зборови, сите ќе дадат максимум од себе да успееме да победиме денеска. Очекувам позитивен резултат" - вели селекторот Јорданчо Давитков.

Давитков смета дека Македонија играла добро само по едно полувреме на дуелите со Косово и Естонија, и оти сега треба во сите 40 минути да се биде сконцентриран и ефикасен.

„Во секој случај, треба да одиграме добро и во одбраната, и во нападот. Во Приштина во второто полувреме покажавме дека можеме да играме добро, за жал само игравме добро само по едно полувреме, денеска е нова шанса да докажување, и победа, а после ќе видиме како ќе се одвиваат работите понатаму" - додава Давитков.

 

 

Само официјалните лица на косовската федерација во „Борис Трајковски"

Според медиумите во Косово, одлуката за непродавање билети за мечот во „Борис Трајковски", е донесена од страв дека салата ќе се наполни со косовски навивачи, па гостинската селекција би се чувствувала како да игра на домашен терен. Во кошаркарската федерација на Косово се јавувале многу фанови кои сакале да патуваат во Скопје и да го гледаат мечот, но потоа со одлуката на МКФ им се случи „студен туш" и уништување на планот. Билети нема да се продаваат, па така во салата ќе нема фанови на Косово, освен поединци од официјалната експедиција.

ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2019
ДВОЈКИ
ДЕНЕСКА:
ГРУПА А
20.00: Словачка – Ерменија
20.00: БиХ – Шведска
Табела:
1. БиХ 3 2 1 255:237 5
2. Ерменија 3 2 1 242:228 5
3. Шведска 3 1 2 209:223 4
4. Словачка 3 1 2 200:218 4

ГРУПА Б:
16.00: Австрија – Албанија
Слободна Холандија
Табела:
1. Холандија 2 2 0 170:149 4
2. Австрија 2 1 1 151:130 3
3. Албанија 2 0 2 128:170 2

ГРУПА Ц:
20.30: Македонија – Косово
Слободна Естонија
Табела:
1. Естонија 2 2 0 156:126 4
2. Косово 2 1 1 122:144 3
3. Македонија 2 0 2 144:152 2

ГРУПА Д:
17.00: Бугарија – Португалија
Слободна Белорусија
Табела:
1. Бугарија 2 2 0 160:139 4
2. Белорусија 2 1 1 146:153 3
3. Португалија 2 0 2 146:160 2

 

Најново во Кошарка