ПРЕПОЗНАТ КВАЛИТЕТ

„Рампа" од Германците, Здравевски е интересен и за нив, не го даваат!

Од германската федерација порачале дека Даниел Здравевски е Германец, и сакаат да продолжи со настапите за нивните национални селекции, но...

објавено: 20 јули 2018 - 15:00

Даниел Здравевски ќе мора да почека на официјалното деби за националниот тим на Македонија.

Една своевидна „рампа" за таа прилика постави германската кошаркарска федерација, или онаа во која овој млад Македонец е лиценциран како играч на минхенски Баерн.
И покрај договорот кој МКФ го има со раководството на баварскиот клуб, сепак, Германците, пред се нивната федерација, нема намера да се откаже од Здравевски.
И затоа веќе ги информирале своите колеги од македонската страна дека Здравевски не може да биде дел од нашата јуниорска селекција на претстојното ЕП од Дивизијата „Б„ кое ќе се одржи во Скопје.
Здравевски, кој е капитен на јуниорскиот состав на Баерн Минхен, прифати да го облече дресот на на нашиот национален тим, по што, регуларно е започната и процедура во ФИБА за добивање на македонски „кошаркарски пасош".

Со оглед на тоа дека канцеларијата на ФИБА е презафатена во овој период (организација и реализација на младинските ЕП), многу извесно е дека селектоот Панче Милевски ќе го нема на располагање големиот талент за мечевите од евро-шампионатот во нашиот главен град.

„Се надеваме на позитивно решение, кое ќе ни одговара. Сакаме Здравевски да игра за Македонија на првенството во Скопје, но сега дел од работите не зависат само од нашите желби. Нивната федерација не се откажува од Даниел, ние уште помалку. Тој одлично се вклопи со другиот дел од тимот. Не му требаше многу времеза она што се нарекува 'аклиматизација'. Како и да е, ќе ја чекаме разврската. Јас лично, би прифатил и тоа, Здравевски да го прескокне првенството во Скопје, но потоа да добие дозвола да игра за Македонија. Нормално, не се откажуваме од него и сега. Но велам, би сакал се да се заврши идеално по нас. Зошто да не, понатаму, односно веќе од септември, Здравевски да биде вклучен и во работата со нашиот сениорски тим, тоа би било најдоброто"- посакува Милевски.

Јасно е дека ако се сменат работите, и Германците останат на своите барања, Милевски ќе го нема на располагање Здравевски, што ги менува планираните активности во оваа завршна фаза од подготовките.

Уште подобра вест е дека во текот на денот, Даниел Здравевски го добил македонскиот пасош, што значи дека и официјално е државјанин на Р. Македонија.
Па затоа сега преостанува да се среди оваа перипетија со германската федерација, односно да добие и македонски кошаркарски пасош, што значи ќе биде слободен да настапи за нашиот национален тим во иднина.
Б. Радуловиќ

 

Најново во Кошарка