НОВА ДОБРА, И ПРЕД СЕ ЕФИКАСНА ИГРА, И ПОБЕДА НА МАКЕДОНИЈА

САРАЕВО ГРАДЕ НАШ... Македонија е пред влез во четвртфиналето (ВИДЕО)

За место меѓу осумте најдобри сега ни треба победа над Норвешка, и добар епилог на дуелот Русија-Белгија.

објавено: 13 август 2018 - 18:26

Само некоја луда математика може да ја тргне кадетската селекција на Македонија од место кое води во четвртфиналето, особено по уште еден триумф, трет во серија, сега во дуелот против селекцијата на Данска.

Македонија – Данска 99:89 (21-27; 21-19; 28-19; 29-24)
На Македонија и треба победа против аутсајдерот Норвешка во утрешниот меч (16.30 часот), и добар епилог на дуелот Русија-Белгија, кој веројатно, доколку ги победиме Норвежаните, ќе каже од кое место ќе тргнеме во битките за местата кои водат во „А" Дивизијата.
Можеме и да загубиме од Норвешка, но под услов Русија да ја совлада Белгија, што не е посакуваното сценарио, особено не по овие три прекрасни игри и триумфи.
Нашите момци и го заслужија преминот во првата „осумка" на ЕП во Сараево, затоа што излегоа како убедлив победник против Белгија (80:68), беа во минус од шест поени против Русија (69:75), па последното коло, и евентуален „триаголник", го дочекуваат со позитива од шест поени.
Русија е без пораз, има плус 6. Белгијците имаат само теорија затоа што веќе се во негатива од 12. поени, па ќе има треба победа против Русите изразена со повеќе од десет поени, ако сакаат да бидат најмалку второпласирани.
Но тоа се само нивни пресметки, ние сме усмерени кон игрите и резултатите на Македонија.

 

Како мошне жилав, особено во првото полувреме, се покажа составот на Данците во овој клучен дуел за нашиот кадетски национален тим на шампионатот.
Уште во раната фаза скандинавците изградија предност која нашите млади кошаркари никако не успеаја да ја стигнат. Имаа постојана предност нашите противници, кои по добрата игра против фаворитот Русија, уште еднаш покажаа дека не залутале на овој турнир во БиХ.
Од друга страна, поголем дел од нашата игра се засноваше на индивидуални акции, а преку кои најчесто поентираа Андоноски (15 поени) и Миловановиќ, кој беше виновникот што Данска не отиде на поголема позитива од онаа на полувремето (46:42).
Нашиот репрезентативец реализираше 11. поени, и беше вториот двоцифрен играч во нашиот тим на овој дуел во кој победата не водеше директно во четвртфиналето на ова ЕП од Дивизијата „Б".
Но и Данците имаа свои расположени играчи. Во тие 20.минути, Клусман даде 17, а Бро Хансен го испрати со уште 12. реализации за водството од четири поени на одморот.
Стигнавме до егал резултат, (53:53) на средината на третиот период од играта, а Савиќевиќ ни го донесе и толку посакуваното водство (55:53), кое Миловановиќ, со својот 20.поен, го зголеми на уште повисоки (61:56).
Пред данскиот тајм-аут, во нецели седум минути, направивме скор (19-10), кој во следниот натпревар Савиќевиќ го претвори во највисоко водство од почетокот на мечот, (63:56), кое беше слично на истекот на третата делница (70:65).
Во ист, ефикасен стил продолживме и во четвртината на одлука, а во 34.минута бевме во двоцифрен плус (82:72) по заслуга на Андоноски и Данаиловски. Доволен за третата по ред победа, и скоро сигурен пласман во четвртфиналето за нашите кадети.
Во последното петто коло од групата „Б", прво од 14.15 часот, Русија и Белгија ќе одлучат кој оди понатаму, од 16.30 часот, Македонија треа да го завери пласманот во првите осум со победа над Норвешка, додека тотално небитен резултатски е дуелот во кој ќе се сретнат Словачка и Данска.

 

Најново во Кошарка