НА МЕСЕЦ ДЕНА ПРЕД ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ...

СЕЛЕКТОРСКО ТАКТИЗИРАЊЕ: Список нема, кога ќе биде, не се знае!?

Дебаклот во претквалификациите за Светскиот куп 2019 година во Кина, отиде некаде таму „во заборавот"... Но од МКФ засега нема ниту една информација, кои се следните чекори поврзани со нашиот сениорски национален тим.

објавено: 20 октомври 2017 - 18:00

Дебаклот во претквалификациите за Светскиот куп 2019 година во Кина, отиде некаде таму „во заборавот"... Но од МКФ засега нема нту една информација кои се следните чекори поврзани со нашиот сениорски национален тим.

Иако време до оние други претквалификациски мечеви има се помалку, (само месец дена), од „Куќата на кошарката" нема ама баш никаков абер.
Пред се дали во Стручниот Совет на МКФ се дојдени сите селекторски извештаи, дали оние катастрофални резултати ќе останат во тие рамки, или пак, конечно, во федерацијата некој ќе каже со кого и како понатаму?
И додека сите други федерации, секако оние кои нешто значат во европската кошарка, ако ништо друго обелоденија дека ќе ѝ се спротивстават на идејата на Евролигата да не ги слободи играчите кои се со договорна обврска под евролигашките клубови, во МКФ е вистински молк

Јорданчо Давитков, секако под услов да ја добие довербата од федерацијата, и да продолжи со работата каде застана по августовскиот дебакл, сеуште го нема дефинирано списокот на кандидати за настап во претквалификациите за Евробаскетот 2021.
Веројатно ќе се чека првиот потег на противниците, односно селекторските тимови на Словачка односно Швајцарија.
Македонскиот национален тим два меча треба да одигра во ноември, на гости со Словачка, и дома со Швајцарија, па во февруари дома со Словачка, и на крајот на јуни 2018, последниот меч е гостување кај Швајцарците.

Доколку „црвено-жолтите" го освојат првото место во групата (и со второ место би имале теоретска шанса), одат во следна фаза од претквалификациите, заедно со другите три најдобри тима во „Б" дивизија, и осумте што ќе испаднат после првата фаза од квалификациите за СП 2019.
Изгледот на нашата селекција би требало да биде изменет во споредба со тимот кој потфрли во претквалификациите за СП 2019, но веројатно на поширокиот список, ќе се најдат најголем дел од играчите кои фигураа и летоска.
Најголемата добивка за нас дефинитивно е враќањето на опоравениот Дамјан Стојановски, а би било идеално доколку во тимот се врати и повредениот и навредениот Марко Симоновски.
Секако, најдобро би било кога би ги имале на располагање и нашите двајца евролигаши. Но дилемите се дали Џордан Теодор и Перо Антиќ ќе добијат дозвола од своите клубови да играат за репрезентацијата. а и ако евентуално добијат, дали ќе се најдат меѓу оние 12 што ќе настапат (Антиќ велеше дека би помогнал во ноември ако играме квалификации за СП, што нема да се случи).

Најново во Кошарка