СЕЛЕКТОРОТ ПЛАНИРА СТРАНСКИ КВАЛИТЕТ НА БЕКОВСКАТА ПОЗИЦИЈА

Шејн Ларкин и Џордан Теодор на радарот на Давитков (ВИДЕО)

За (пред) квалификацискиот циклус, нашиот национален тим ќе биде засилен со играч кој треба да биде и поентер и разигрувач, каков што е „описот" на двајцата Американци кои играат во евролигашката Басконија односно турскиот Банвит.

објавено: 18 март 2017 - 19:22

Машката сениорска кошаркарска репрезентација, многу извесно, ќе го продолжи континуитетот со ангажман на најмалку еден странски кошаркар кој треба да биде „прва помош" во реализација на замислите за постигнување на што е можно подобар резултат во претстојниот период.
Откако МКФ конечно го комлетираше стручниот штаб со избор на Јорданчо Давитков за селектор, а Љупчо Малинков и Александар Јончевски како асистенти, раководството на федерацијата, секако во договор со новиот-стар предводник на сениорите, почнале интензивна потрага по квалитетен странски кошаркар.
Или наследник на позицијата која минатата сезона ја имаше Ромео Тревис, односно натурализиран кошаркар со право на настап за нашиот национален тим.
А „Спортмедиа" дознава дека за потребите кои со себе ги носи учеството во претквалификациите за пласман на Светкиот Куп во 2019 година во Кина, Давитков е со размислување дека „црвено-жолтите" да бидат посилни на бековските позиции, односно на онаа првата.
Па за таа цел веќе се во план некои имиња на потенцијални „Македонци". А некако најзвучно делуваат оние на Шејн Ларкин односно Џордан Теодор.


Дешејн „Шејн" Ларкин е роден на 2. октомври 1992 година во Синсинати, и во овој момент настапува за екипата на Басконија, која е дел од Евролигата.
Колеџ кошарка играл за Универзитетот во Мајам. Беше одбран од Атланта Хоукс како 18. пик на драфтот од 2013 година, од каде веднаш бил трејдуван во Далас Маверикс.
Професионалната кариера Ларкин ја почнува во Далас, продолжува во Тексас Леџендс. Но за кратко затоа што во сезоната 2014/2015 преминува во Њујорк Никс, а наредната ја завршува во „соседството", како играч на Бруклин Нетс.


Од минатата сезона е играч на шпанскиот АЦБ лига Басконија од Виторија со која бележи навистина извонредни резултати. Како еден од најдобрите играчи на тимот од Баскија, во просeк Ларкин реализира по 13. поени, 5.8 асистенции, 2.8 скока и 1.3 освоени топки на 26. мечеви од Евролигата.


Џордан Теодор пак е три години поискусен во однос на Ларкин. Роден е 1989 година во Њу Џерси, а кошаркарската школа ја поминал како студент и играч на познатиот Универзитет Сетон Хол, каде во сениорската сезона имал просек од 16.1 поени и 6.6 асистенции.
Професионалната кариера Теодор ја почнува на 15. јули 2012 година како играч на турската Анталија. Наредната сезона потпишува договор со загрепска Цедевита, но за кратко, затоа што беше отпуштен, па сатисфакцијата ја побарал во профи лигата на Порторико.
Една година подоцна овој исклучителен „комбо-бек" се враќа во Турција, но како играч на Мерсин. Но и таму не остана долго,патото го води во Франција, каде е дел од екипата Бург Д Брес. Но и таму се задржува доста кратко, нецели шест месеци. Сезната 2015/2016 ја одигра како кошаркар на германскиот Франкфурт Скајлајнерс.
А од 28. јули, 2016 година е член на турскиот Банвит, каде во улога на асистент е Боби Митев, а прв тренер, уште еден Македонец, Сашо Филиповски.
Овој 183 сантиметри висок кошаркар важи за прв играч на тимот од Бандирма, за што сведочи и титулата за МВП на Купот на Турција кој пред неколку месеци го освои со Банвит.
А во оваа сезона, како дел од ФИБА Лигата на Шампионите, Теодор комплетираше просек од 15.9 поени, 7.7 асистенции и 3.7 скока по натпревар.


Во август, односно во септември, Давитков и Македонија ја очекуваат нималку наивни претквалификации. Односно четири мечеви против селекциите на Естонија и на Косово, а во обид да се премина во оној главен, квалификциски сегмент во кој како по некое правило во изминатите осум-девет години македонските сениори беа составен дел.
Но лошиот резултат во минатиот квалификациски циклус услови и промена на првата селекторска позиција, но многу извесно и на играчите кои важат како натурализирани.
Па затоа во наредниот период станува да се види, дали овие исклучително квалитетни кошаркари би дошле во една ваква ситуација, да се стават на располагање на нашиот национален тим.
Онака „од прва" делува дека сето ова е една доста интересна, но и прифатлива идеја, иако не е на одмет да се потсети дека и Лестер Бо Мекејлеб полека го враќа оној сјај во неговата игра како дел од екипата на Гран Канарија.

Б. Радуловиќ

 

Најново во Кошарка