ПО ПАУЗА ОД ДВЕ ГОДИНИ, ПОВТОРНО МЕЃУ „ЦРВЕНО-ЖОЛТИТЕ“

Соколов и Хендрикс треба да бидат џокерите на Давитков

Дарко Соколов и Ричард Хендрикс последен пат, дресот на репрезентација го носеа во 2015 година, нашето последно Европско првенство. По Загреб во националниот тим настана вистински хаос, кога МКФ одлучи селекторската функција да му ја довери на Драган Раца.   

објавено: 21 ноември 2017 - 12:30

Македонија повторно нема да настапи во најсилен состав и во новиот обид да се издигне од дното. По неуспешните претквалификации за СП, селекторот Јорданчо Давитков и неговите избраници ги чека првата фаза од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2021 година. 

Од летоска до овој собир, во составот има нови имиња. Тука пред се мислиме на Дарко Соколов, Ричард Хендрикс и Ненад Димитријевиќ. Двајцата искусни кошаркари се очекува да бидат џокери на Давитков, последен пат во дресот на македонската репрезентација настапија во 2015 година на Европското првенство во загреб, кое беше последно за нас во серијата од четири континуирани учества. 

По дебаклот во Загреб, започна хаосот во националниот тим. МКФ ја направи најголемата грешка го постави Драган Раца за селектор, кој освен празни муабети, за ништо друго не го биваше. Раца не го повика Соколов, а местото за странец одлучи да му го довери на Ромео Тревис. 

Токму по две години, Соколов кој од вчера е нов член на МЗТ Скопје и оваа сезона беше еден од најдобрите кошаркари на Карпош Соколи повторно е меѓу „црвено-жолтите“. Во домашниот шампионат има просек од 18,5 поени и 4,5 асистенции по натпревар, додека во ФИБА Еврокупот, неговиот процент е нешто помал, осум поени и два скока во четири одиграни меча.

Што се однесува до Ричард Хендрикс, кој првично не беше во плановите на Давитков во таа 2015 година, поточно на континенталното натпреварување не го покажа најдоброто, имаше шест поени 5,8 скока и 1,6 асистенции за 20 минути во игра. Натурализираниот Македонец беше многу добар во квалификациите, но под водство на Александар Џикиќ. Имаше дабл-дабл просек од 11,2 поени и 10,7 скока по натпревар за 27. минути во игра. Во дресот на Галатасарај оваа сезона има 9,7 поени и 4,3 скока за шест одиграни меча во турскиот шампионат, додека во Еврокупот каде е прв скокач, има 9,2 поени и 6,8 скока на шест натпревари. 

За двајцата кошаркари, заедничко е што се исклучително добри и во одбраната, може да одговорат на секоја задача на селекторот Давитков. 

Што се однесува до Ненад Димитријевиќ, иако со 19 години е најмладиот кошаркар во репрезентацијата, сепак може многу да придонесе. Неговото искуство од Хувентуд ќе биде добредојдено, Димитријевиќ веќе игра не секој меч, а неговите бројки не се за потценување.

Македонската репрезентација утре замина за Словачка каде го игра првиот квалификациски дуел за пласман на ЕП. 

Најново во Кошарка