СМИРУВАЊЕ НА СИТУАЦИЈАТА

СПОРОТ Е РЕШЕН: АМС ќе го плати „осигурувањето" за Симоновски

На состанокот со директорот за Агенцијата з амлади и спорт, репрезентативниот бек добил уверување дека проблемот ќе биде решен, односно дека агенцијата ќе ги исплати оние средства од личниот доход кој требало да ги добие од клубот, односно федерацијата.

објавено: 9 октомври 2017 - 16:55

Марко Симоновски ќе ја добие потребната отштета, предизвикана со задоцнетото покривање на неговото „осигурување на договорот", од страна на Македонската кошаркарска федерација.

Репрезентативниот бек на МЗТ Скопје кој полека се враќа во тренажниот процес на македонскиот првак, излегол од кабинетот на директорот за Млади и спорт Дарко Каевски со ветување дека агенцијата ќе ги „покрие" проблемот со осигурувањето, а за кој се дигна голема прашина во изминатиот период.
Односно дека за краток временски период ќе ги исплати трите плати на Симоновски, за месеците август, септември и октомври, односно времето кое наместо на тренинг, репрезентативецот го поминал во обид да ја санира повредата.

Како што е добро познато, Симоновски се повреди на еден од првите тренинзи на кошаркарската репрезентација. Но проблемот настана откако беше обелоденето дека МКФ не ги осигурала кошаркарите од првиот ден на подготовките.
Згора на тоа, МКФ одби да ги покрие примањата на Симоновски за периодот во кој е повреден (сума што ќе ја покриеше ФИБА доколку играчот беше осигуран).
Беше формирана и медицинска комисија која кажа дека воопшто не станува збор за нова повреда, со што вината ја префрли кај репрезентативниот кошаркар, кој наводно не пријавил стара повреда.
Како и да е, станува фактот дека Симоновски се повреди за време на еден од првите тренинзи на националниот тим под водство на селекторот Јорданчо Давитков.
Репрезентативците вообичаено пред почетокот со подготовките ги минуваат лекарските прегледи, по што му се ставаат на располагање на селекторот.
Па дури и тогаш, доколку станува збор за обновување на стара повреда, треба да постои одговорност и да му се излезе во пресрет на играчот кој покажал желба да настапува за националниот тим.
Но тоа е Македонија!

Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка