ИСКУСНИОТ КОШАРКАР ПОБАРА ПОГОЛЕМА ПОДДРШКА ОД МАКЕДОНЦИТЕ

Трајковски со порака до „фалангата“: Дојдете во Загреб и бидете наш шести играч!

Бојан Трајковски, еден од поискусните кошаркари во таборот на Македонија се надева дека „жолто-црвените“ ќе имаат успешни подготовки и дека на Европското првенство кое ќе започне во септември во Загреб репрезентацијата ќе се прикаже во што подобро издание.

објавено: 25 јули 2015 - 14:34

Подготовките тргнаа 40 дена пред стартот на Европското првенство, под палка на новиот тренер Марјан Србиновски кој има помош од спортскиот директор на МКФ и поранешен селектор на репрезентацијата, Заре Марковски.

„Пред сѐ, сакам да им посакам успешни подготовки на сите кои сме овде, почнувајќи од кошаркарите, па завршувајќи до стручниот штаб. Се надевам дека ќе бидеме здрави, дека нема да има болести и дека сите заедно ќе отпатуваме за Загреб каде реално нѐ очекува многу тешка задача, затоа што во група ги имаме Хрватска, Словенија и Грција, кои на секој собир се меѓу петте најдобри репрезентации. Но, и покрај сѐ, наше е да ги искористиме овие 40 дена максимално, да тренираме напорно и да го дадеме максимумот на секој тренинг и секој подготвителен меч, а резултатот во Загреб сам по себе ќе дојде“, вели Трајковски.

Искусниот кошаркар смета дека шансата за пласман во наредната фаза нашите репрезентативци ќе бараат на мечевите против Грузија и Холандија, репрезентации кои се во голем подем. Нормално, Трајковски посакува и триумф против фаворитите во групата Грција, Словенија или Хрватска...

„Ако гледаме реално, шансата ќе ја бараме на дуелите со Грузија и Холандија. Но, нормално дека и на останатите средби ќе го дадеме максимумот и ќе бараме шанса да оствариме некоја победа плус. Факт е дека сме подмладени во однос на тимот од пред некоја година, но и тогаш исто никој не очекуваше дека ќе направиме добар резултат. Се надевам дека ќе го повториме истиот успех и дека ќе направиме една до две победи плус од планираното, што ќе ни донесе полесен противник во наредната фаза“, додаде Трајковски.

Корпулентниот крилен центар се надева дека на ЕП во Загреб нашата репрезентација ќе добие поголема поддршка од македонската „фаланга“.

„Ни треба многу, многу поголема поддршка. Бевме сведоци дека на последните средби, за разлика од претходните години, трибините во „Борис Трајковски“ беа далеку од исполнети. Се надевам дека македонската „фаланга“ ќе биде во голем број во Загреб и дека ќе биде нашиот шести играч кој ќе ни даде ветер в грбот. Со нив заедно, сигурен сум дека ќе извојуваме уште некоја поважна победа, која може да ни донесе многу полесен противник во втората фаза на ЕП“, заврши Трајковски

М.Т.

Најново во Кошарка