ВЛАДО ИЛИЕВСКИ ВО ФОКУСОТ НА МИЛОРАД СТОЈМАНОВСКИ

Замина репрезентот на филозофијата на игра „срце на терен“

Стрелецот на тројката што ни дава надеж дека може да се излезе и подалеку од „клаустрофобичната тераса", по славните денови во Литванија ми одговори на неколку прашања. Поради сплет на околности, тоа интервју не ја виде светлината на денот. Тешко ми беше да му објаснам зошто, но на некој начин му останав должен. Неговото простување од црвено-жолтиот дрес е вистинско време за „раздолжување"

објавено: 11 септември 2015 - 18:26

Ја изгуби ли македонската репрезентација единствената предност што можеше да ја има во светот на велесилите во кошарката – борбеноста? Се пензионира ли со повлекувањето на репрезентот на филозофијата на игра „срце на терен“ и желбата за победа што го тера човека да се фрла по паркетот и да влегува во клинч со посилните, повисоките, побрзите?

Владо Илиевски не е престар за да се повлече од репрезентацијата, знаејќи го неговиот пристап кон овој спорт, кон животот воопшто. Тоа го докажа и на веќе завршеното Европско првенство за нас, кога повторно имаше најголема минутажа на паркетот.

Илиевски е „престар“ за да биде дел од новите македонски генерации кои поинаку ја доживуваат кошарката. Ќе треба време да помине за „црвено-жолтите“ повторно да добијат таков лидер на теренот каков што имаа во капитенот со број 5.

Мојот долг кон Илиевски

Илиевски, креаторот на погодокот што е симбол дека Давид може да го победи Голијат, стрелецот на кошот што му дава сила на Македонецот дека може да излезе и подалеку од „клаустрофобичната тераса“, по славните денови во Литванија ми одговори на неколку прашања. Поради сплет на околности, тоа интервју што беше планирано за еден неделник не ја виде светлината на денот. На некој начин му останав должен, не по моја вина. Неговото простување од „црвено-жолтиот“ дрес е вистинско време за „раздолжување“.

Некои поенти од тој разговор се сѐ уште свежи. Солзите при неговата разделба од националниот дрес ме поттикнаа да прочепкам по архивата. Фолдерите на моето сеќавање добро ме водеа низ компјутерските папки и како скриено богатство се појавија неговите мисли.

Во спортот е така – не треба да спиеш на успесите кои си ги постигнал во минатото, туку секогаш одново да се докажуваш. Не е лесно да се одржува максималната форма, особено по триесеттата година од животот. Секоја повреда или операција го отежнува тоа и затоа на овие години некогаш работам двојно повеќе отколку кога бев помлад за да бидам во врвна форма. Уште колку ќе играм најмногу зависи од тоа како ќе ме служи здравјето. Гладот да се биде меѓу најдобрите не смее да престане, бидејќи бргу ве престигнуваат оние коишто чекаат шанса. Што се однесува до концентрацијата во моменти на исцрпеност, искуството е тоа што е од непроценливо значење и ви помага да најдете најдобри решенија во играта,“ ми рече тогаш.

Вели дека лебот на професионалниот спортист е со девет кори. Само тој знае низ што сѐ поминал за да стане тоа што е. Главно е одвоен од најблиското семејство, кога децата растат без физичкото присуство на таткото. За среќа, речиси сите во фамилијата се или биле поврзани со кошарката. Сопругата Ања е поранешна кошаркарка, а нејзиниот татко е славниот Петер Вилфан, па сите проблеми ги решаваат многу полесно.

Ја паметам средбата со Вилфан на Летните олимписки игри во Атина, во 2004 година. Беше стручен коментатор на словенечката телевизија од кошаркарскиот турнир. Тогаш ми се пофали дека свадбата на неговата ќерка со струмичанецот е веќе закажана. Не штедеше пофални зборови за зетот. Оттогаш, од љубовта меѓу Владо и неговата ќерка Ања се родија две деца. Денес Лука има 10, а Јакоб шест години.

Илиевски кариерата ја почна во Струмица, но желбата за докажување го однесе во белградски Партизан. Потоа се редеа дестинациите  Словенија, Шпанија, Италија, Русија, Турција, Хрватска... Сега повторно глобтротерот ја менува адресата – наредната станица пак ќе биде Италија. Имаше голема желба во својот последен настап со грбот на Македонија да ја победи „својата“ Словенија. Земјата што го почитува, земјата што е неговиот втор дом. Ја мина половина Европа, но семејство му е во Љубљана. Каде конечно ќе се закотви фамилијата Илиевски?

„Љубљана за мене е најубавото и најмирното место за живеење. Правиме повремени излети во Скопје и во родната Струмица, иако тие засега се многу кратки. Штета што немам повеќе време почесто да навраќам во својот роден крај, кај најискрените пријатели кои ме полнат со позитивна енергија каква што нема на ниедно друго место на светот. Планирам пропуштеното да го надополнам по завршувањето на кариерата. Струмица секогаш ќе биде мојот омилен град во кој ги поминав најубавите години од моето детство и затоа секогаш со тој град ќе бидам поврзан на посебен начин. Сакам засекогаш да останам таму каде што се моите корени - во Македонија, иако и за Словенија има место во моето срце, бидејќи мојата сопруга и децата се родени таму, а јас сум прифатен од таа средина на најдобар можен начин.“

Контролата на топката како последица на самоконтролата во животот

Моите први контакти со Владо се од Европското првенство во Франција, во далечната 1999 година. Тогаш беше вклучен во составот на репрезентацијата како млад и перспективен кошаркар, кој беше во сенка на тогаш првите бекови во тимот, Петар Наумоски и Врбица Стефанов. Не ни сонуваше дека со постигнатиот успех на репрезентацијата на Евробаскетот 2011 ќе го надмине кошаркарот на векот во Македонија Наумоски. Стефанов беше директор на „славната литванска репрезентација“, но лаврите и славната „леле, луѓе, што направивме“ се подлабоко врежани во колективната меморија на Македонците од сите пробиви на не помалку квалитетниот Врбица.

Од петте учества на Македонија на европските првенства, отсуствуваше само од Евробаскетот 2009 во Полска. Епизода кога беше прогласуван за предавник и кога на клупската кариера ѝ даваше приоритет пред обврските кон националниот дрес. Истиот тој предавник беше херој во Литванија две години подоцна. Односот на јавноста и на медиумите кон него беше амбивалентен во зависност од неговото присуство или отсуство од репрезентацијата.

Многупати имам кажано дека сум горд Македонец и чест ми е што ја репрезентирам мојата земја во светот. Бидејќи моето живеалиште е долги години во Словенија, не бев во можност на лице место да се справам со сите невистини кои беа пишувани за мене. Тие сепак не придонесоа да се чувствувам помалку Македонец. Вистината секогаш победува на крајот ако сте чесен и ако чесно ја работите својата работа.“

Некои играчи од „литванската генерација“ се повлекоа од настапите под македонското знаме, веројатно и поради желбата да бидат запаметени како славодобитници без дамка на репрезентативната кариера. Колку тежи товарот на довербата, дадена од стотина илјади сонародници од Плоштадот Македонија?

„Секој голем успех носи уште поголем притисок за повторување или надминување на претходниот. Ние сме свесни за тоа, но во исто време и реални дека е тенка линијата меѓу победата и поразот. Многу фактори решаваат на која страна ќе бидеме, но едно е сигурно – во главите ќе нѐ води мислата на победници и на тоа колку би било добро повторно да го израдуваме нашиот народ, којшто ни даде поддршка со тоа што излегуваше на улиците и плоштадите.“

Народот е тој што става на пиедестал, а не политичката елита“

Бев многу горд кога како уредник во „Дневник“ пред повеќе од една деценија побарав од уредничкиот колегиум на насловната страница на еден политички дневен весник да излезе моментот важен за спортска историја на Македонија. Моментот кога Илиевски се сликаше со дресот на Барселона, по тазе потпишаниот договор со Каталонците. Тоа го стори многу пред ракометарот Кирил Лазаров и фудбалерот Давид Бабунски. Ќе сака ли да го пренесе на помладите неговото богато искуство, здобиено од стручњаци од рангот на Пешиќ, Здовц, Ивановиќ, Маљковиќ?

Имам голема желба да продолжам да работам во кошарката. Но додека активно играм, немам многу време да размислувам за тоа. Би било штета сето мое знаење што сум го стекнал играјќи за тренери од светска класа да не го пренесам на некои идни генерации. Размислувам и за тоа како би можел со моето животно искуство да придонесам за спортскиот развој на Македонија, но конкретни чекори ќе следат по крајот на мојата кариера како активен играч.“

Славјето по Литванија доби повеќе од спортска димензија. Во автобусот со отворен покрив се возеше и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Политичарите никогаш не ги забораваат сликањата по успесите, независно од степенот на поддршката што ја добивале спортистите од нив кога навистина им требала. Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, му честиташе и сега за „борбата до последен здив и безусловната љубов кон Македонија“.

Има ли политички флерт со спортот, го прашав тогаш, а прашањето е постојано актуелно. Дали смета дека сите спортисти, и не само спортисти, што ќе освојат четврто и петто место во Европа, треба да минат под Триумфалната капија?

„Во овој одговор ќе бидам многу краток: сметам дека никој нема да се осмели да помине под Триумфалната капија и да прави медиумски настан од своите остварувања ако под Капијата го чека празен плоштад. Значи, македонскиот народ е тој што ги става спортистите на пиедестал, а не политичката елита во Македонија.

Контроверзната навивачка химна “Излези момче....” се пееше и во Загреб. Песната што предизвикува политички дебати во Македонија, е песна на еуфоријата, песна што ги вознесува емоциите на публиката. Дали и Илиевски би запеал гласно “наше ќе биде и Солунско Поле”?

„Дефинитивно, таа песна во себе содржи стихови кои не се политички коректни, но нас и нашите навивачи нѐ мотивира до бескрај, и тоа ни е доволна причина да ја пееме и понатаму. Понекогаш во животот ако сакаш да дојдеш до целта, мораш да бидеш и „политички некоректен“, се разбира сѐ додека тоа не го загрозува туѓиот живот и егзистенција. Во светот има премногу примери за тоа.“

                                                                                                                                       Милорад Стојмановски

Најново во Кошарка