ДВАЈЦА НАТУРАЛИЗИРАНИ ИГРАЧИ ВО СОСТАВОТ

Зошто се „враќа" Мекејлеб, да биде „чекач"?

Лестер Бо Мекејлеб изненадувачки се најде на списокот на 24 кандидати за македонскиот сениорски национален тим.

објавено: 21 јуни 2017 - 09:55

Од кои причини, засега е нејасно. Но не треба да се биде премногу паметен за да се заклучи дека раководството на МКФ сеуште не е стонастотно сигурно дека до почетокот на оној главен дел од работата, сеуште не го имаат средено „присуството" на сега актуелниот Американец кој чека македонска патна исправа, секако, Џордан Теодор.

Јасно е дека идејата на стручниот тим, кој сега ќе го предводи Јорданчо Давитков, заедно со асистентите како Љупчо Малинков и Александар Јончевски, е барем во однос на ланските квалификациски средби, промената да биде на надворешните позиции.
Ромео Тревис беше, дефинитивно, само за еднократна употреба, и спроед желбите на неговите менаџери, кои преку МКФ, му ја подигнаа цената на европскиот пазар, па сега наместо „Американец", при склучувањето на нови договори, ќе се води како „Европеец".
Јасно е дека нема да биде и поразлично со другите странци, оние кои веќе се согласиле да добијат македонски пасош, па не треба да чуди и тоа зошто Џордан Теодор треба да биде оној играч кој треба да прави разлика во нашата игра.
Има одлична сезона зад себе во Банвит, сака да ја промени средината и од Еврокуп-ситуација да дојде до онаа која се вика Евролига.
Но, вистинското прашање е дали Петар Наумоски има толку сила, енергија и способности, навреме да го обезбеди Теодор?
Сепак, со ставањето на името на Лестер Бо Мекејлеб на овој список на 24, јасно се става до знаење дека тоа е, односно ќе биде резервната опција за Давитков, за „црвено-жолтите" во овој претквалификациски мини-циклус и дуелите со Косово и со Естонија.


Со самото тоа што се најде во некој своевиден „втор план", прашање е и дали „Летечкиот Бо" ќе биде „спремен" да се појави во една таква улога, функција сеедно. Да биде „чекач", односно да види дали неговиот Американски сонародник ќе добие македонски пасош, дали и кога ќе дојде на подготовките, и конечно, дали ќе заигра, и се надеваме на негови настапи налик на оние во турскиот освојувач на Купот и финалистот во ФИБА Лигата на Шампионите.
Велат „стравот лозјето го чува", па ќе видиме на крајот што ќе испадне од сето ова, односно одлуката на списокот да бидат и играчот кој ни го донесе најголемиот репрезентативен успех, но и оној, кој сеуште нема „влез" во Македонија, пардон, пасош на нашата земја.
Б. Радуловиќ

 

Најново во Кошарка