НЕВЕРОЈАТНО ПОСТИГНУВАЊЕ НА БЕКОТ НА ЊУ ОРЛЕАНС

Рондо сам имаше асистенции колку еден цел тим

За само 30 минути поминати на теренот, тој имаше 25 асистенции во победата на Пеликанс против Бруклин од 128:113

објавено: 28 декември 2017 - 08:31

Раџон Рондо беше незадржлив, но овојпат во делењето на асистенции на своите соиграчи. Бекот на Њу Орлеанс постави клупски рекорд од 25 асистенции на еден меч. Рондо помина само 30 минути на теренот, а постави неверојатно постигнување, во победа на Пеликанс во дуелот против Бруклин од 128:113. 

Бекот на Њу Орлеанс речиси и да немаше погрешно додавање, а играчите знаеја да ги реализираат ударите по неговите проигрувања. Рондо имаше 25 асистенции, а целиот тим на Бруклин заврши со 26 асистенции.

Шампионот Голден Стејт повторно беше расположен за реализација и убедливо со 126:101 ја победи Јута џез. Играчите на Јута едноставно не знаеја од кого да се чуваат, бидејќи дури 12 кошаркари на „воините“ се запишаа во листата на стрелци. Најпрецизен беше Кевин Дурант со 21 поени, а вкупно шестмина беа со двоцифрен број на поени.

Леброн Џејмс имаше трипл-дабл, но тоа беше премалку за Кливленд, кој загуби со 109:95 на гости кај Сакраменто. Џејмс заврши со 16 поени, 10 скока и 14 асистенции, но Кливелнд беше инфериорен на теренот и го претрпе 11 пораз сезонава.

Резултати: Шарлот - Бостон 91:102, Индијана - Далас 94:98, Атланта - Вашингтон 113:99, Чикаго - Њујорк 92:87, Минесота - Денвер 128:125, Њу Орлеанс - Бруклин 128:113, Оклахома - Торонто 124:107, Сакраменто - Кливленд 109:95, Голден Стејт - Јута 126:101, ЛА Лејкерс - Мемфис 99:109. 

Најново во Кошарка