ПОВРАТНИКОТ ВО ТИМОТ НА МЗТ СЕ РАДУВА НА НАВИВАЧИТЕ

Синовец: Едвај чекам да ја слушнам песната на „Фемили Аеродрим“

„Добро ја памтам нивната поддршка, иако на тоа бев сведок само во првата сезона од мојот престој во МЗТ Скопје Аеродром. Убеден сум дека со нивна помош полесно ќе може да ја оствариме зацртаната цел", вели Стефан

објавено: 21 март 2018 - 11:30

Стефан Синовец повторно е во дресот на МЗТ Скопје Аеродром, а неговото враќање на терен во сино-белиот дрес ќе биде вечерва на дуелот против Кожув, во меч од домашното првенство. Мечот се игра во малата сала во „Јане Сандански“, а шампионот треба да се рехабилитира по тешкиот пораз во дербито од Работнички. 

Синовец вели дека се вратил во МЗТ за повторно да се радува на шампионски пехар. 

„Среќен сум што се вратив во МЗТ Скопје, клуб кој за мене е буквално втор дом во кој претходно минав три прекрасни години. Пред нас е обврската наречена домашно првенство и ќе сторам сѐ за да го одбраниме шампионскиот трофеј. Имам три пехари од првенството, а сигурен сум дека на крајот од првенството таа моја колекција ќе се зголеми на четири трофеи. Не знам дали сум магнет, али знам дека ќе направам сѐ што можам да им овозможам нова радост на навивачите на клубот кој го сметам за мој", оптимистички расположен вели Синовец. 

Српскиот интернационалец се радува на тоа дека навивачите на МЗТ, популарните „Фемили Аеродрм“ се вратија на трибините и очекува голема поддршка.

„Слушнав дека Фемили е повторно на трибината и едвај чекам да ја слушнам нивната песна. Добро ја памтам нивната поддршка иако на тоа бев сведок само во првата сезона од мојот престој во МЗТ Скопје Аеродром. Убеден сум дека со нивна помош полесно ќе може да ја оствариме зацртаната цел", вели Синовац.

Иако очекува МЗТ да ја одбрани титулата, Синовец е запознаен дека големи ривали ќе има во екипите на Работнички и Блокотехна. 

„Работнички е стандардно во врвот, а гледам дека од другите клубови голем исчекор кон врвот направил тимот на Блокотехна, кој е искусен и квалитетен. Тука е и секогаш незгодното Куманово. Но, мислам дека ако ние одиграме како што знаеме, тогаш противниците ќе мора да се борат само за условно кажано сребрениот медал", завршува Синовец.

Новиот кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром сезонава во АБА-лигата, во дресот на МЕГА Бемакс имаше просек од 9,4 поени, 4,5 скока и 3,1 асистенции.

Најново во Кошарка