ИНТЕРЕСНИ РЕЗУЛТАТИ ВО НАЈСИЛНАТА ЛИГА

Утро на „трипл-дабл“ во НБА

Леброн Џејмс повторно беше вистински предводник на Кливленд во триумфот над Филаделфија

објавено: 10 декември 2017 - 08:21

Кливленд е подготвен да направи нова победничка серија откако со 105:98 ја победи Филаделфија, во еден од многуте НБА натпревари одиграни утрово. Кливленд имаше низа од 13 триумфи по ред, но потоа загуби од Индијана и стави крај на убавата серија.

По неуспехот против Индијана, Леброн Џејмс и другарите повторно се вратија на победите. Токму Џејмс беше вистински предводник на теренот. Првата ѕвезда на Кливленд ги даде или асистираше за последните 22 поени на тимот, кога и се решаваше победникот. На крајот, незадржливиот Џејмс заврши со трипл-дабл и тоа 30 поени и по 13 скокови и 13 асистенции. 

„Трипл-дабл“ имаше и Никола Вучевиќ од Орландо. Центарот на „магичните“ имаше 31 поени, 13 скока и 10 асистенции, но тоа не беше доволно за победа во дуелот против Аталанта (110:117). 

Ако за некој е вообичаено и се очекува да има „трипл-дабл“ на еден меч, тоа секако е Расел Вестбрук од Оклахома. Вестбрук заврши со 20 поени, 11 скока и 14 асистенции во минималниот триумф на Оклахома против Мемфис (102:101).

Резултати: ЛА Клиперс - Вашингтон 113:112, Бруклин - Мајами 89:101, Шарлот - ЛА Лејкерс 99:110, Атланта - Орландо 117:110, Чикаго - Њујорк 104:102, Кливленд - Филаделфија 105:98, Милвоки - Јута 117:100, Мемфис - Оклахома 101:102, Феникс - Сан Антонио 101:104, Портланд - Хјустон 117:124.

Најново во Кошарка