Македонскиот првак има дури девет претставници на ова СП

Вардарова мундијалска деветка

Македонскиот првак на ова Светско првенство даде дури девет ракометари. Од нив, тројца ќе настапат за репрезентацијата на Русија, по двајца ќе ги бранат боите на Македонија и Шпанија, додека Хрватска и Бразил ќе бидат застапени со по еден играч

објавено: 12 јануари 2017 - 12:00

Екипата на Вардар веќе неколку сезони важи за една од најдобрите во Европа.

Македонскиот шампион рамо до рамо со најсилните ракометни колективи се бори за што поголем успех во Лигата на шампионите. Сосема очекувано, во „црвено-црниот" дрес изминативе сезони продефилираа голем број на ракометари со светска класа, и најголемиот дел од нив и во моментов настапуваат.

Вардар се етаблираше како ракометен бренд, а доказ за тоа е и настапот на деветте играчи на Мундијалот во Франција. Честа да го пробие мразот ја имаше Рожерио Мораеш. Бразилецот додуша немаше меч за паметење, бидејќи забележа убедлив пораз на стартот од домаќинот Франција (31:16), притоа незабележувајќи ниту еден погодок зад своето име.

За Македонија денеска во 17:45 часот против Тунис ќе играат Стојанче Ангелов и Мартин Поповски.

Интересно е што тројца играчи на Вардар ќе ги бранат боите на Русија. Тоа се Тимур Дибиров, Александр Деревен и Данил Шишкарев. Вардаровото руско трио во истиот термин како и Македонија (17:45 ч.) ќе ја бараат првата победа против аутсајдерот во групата А, Јапонија.

Алекс Душебаев и Жоан Кањелас со Шпанија ќе се обидат да ја симнат Франција од тронот, а првата пречка кон таа цел ќе им биде незгодниот Исланд.

Последен вардарец во ова мундијалско друштво е Лука Циндриќ. Плејмејкерот на хрватската репрезентација остана единствен „каубој" од нашиот првак. Иван Чупиќ воопшто не доби шанса за овој Мундијал од страна на селекторот Жељко Бабиќ. Додека, пак, Игор Карачиќ беше „пречкртан" на последното кратење.

Хрватска својот прв настап на СП ќе го има утревечер, каде што во мечот од групата Ц во 20:45 часот ќе се соочи со Саудиска Арабија.

Најново во [Спортмедиа]