И ПОКРАЈ ТОА ШТО ИМА 39 ГОДИНИ

Ветеранот не се предава: Симиќ ѝ се враќа на кошарката – ќе игра за второлигашот Гостивар!

Тони Симиќ, еден од најтрофејните играчи во историјата на македонската кошарка, кој во својата ризница има дури осум шампионски прстени, реши и на 39-годишна возраст да се врати на терените и тоа во дресот на амбициозниот второлигаш Гостивар 2015, со кој веќе и официјално потпиша договор.

објавено: 15 декември 2015 - 15:41

Популарниот Симке минатата сезона настапуваше за тимот на Фени индустри, со кој, сепак, не го продолжи договорот по крајот на првенството. Фактот што не беше на списокот на ниту еден тим на почетокот од новиот шампионат во кошаркарската јавност беше сфатен како негова одлука за кошаркарска пензија.

Но, нецели три месеци подоцна, Симиќ се наоѓа пред активација и тоа како еден од адутите на гостиварци, кои имаат големи амбиции во второлигашката конкуренција односно се решени да сторат се за да дојдат до место кое обезбедува место во елитата. Неговото деби се очекува веќе викендов во дуелот против Академија ФМП. Гостивар 2015 во моментов е на делба на четвртата позиција на табелата со скор 5-3, зад досега непоразениот АВ Охрид со 8-0 и тимовите на Вардар и на Пелистер, кои имаат учинок 6-2.

* Симиќ на првиот тренинг во Гостивар

Високиот центар, кој беше прогласен за кошаркар на 2009 година, првите чекори ги направи во тимот на МЗТ Скопје, најголем дел од кариерата мина во Работнички, а настапуваше уште за екипите на Вардар осигурување, Торус, Лирија и Фени И. Симиќ зад себе има и куса интернационална кариера и тоа во дресот на полскиот прволигаш Котвице.

И.К.

Најново во Кошарка