НАЈТРОФЕЈНИОТ ГО РАСТУРИ АКТУЕЛНИОТ ПРВАК ВО ДУЕЛ НА ВЕЧНИТЕ

Во меч кој траеше два дена: Работнички го понижи шампионот МЗТ Скопје

Средбата која започна вчера, се доигра вечерва и тоа без приуство на публика, поради недоличното однесување на двете навивачки групи. Во еден дел од средбата, домаќините водеа и со 31 поени разлика

објавено: 18 март 2018 - 18:31

Работнички му го нанесе еден од најтешките порази на МЗТ Скопје Аеродром во последните неколку години во домашното првенство. Најтрофејниот тим славеше со 100:84 во дуелот против вечниот ривал, во дербито број 137.

Средбата траеше два дена. Започна вчера, кога и се одиграа 27 минути, а потоа судиите мораа да го прекинат дуелот (Работнички водеше со 62:50). Навивачите на двата тима во текот на поголемиот дел од мечот недолично се однесуваа, фрлаа со меки и тврди предмети, плукаа по играчите, а клупминација настана кога дел од нив се најдоа и на теренот. 

Судиите побараа да се испразни делот коде што беа фановите на МЗТ Скопје Аеродром, но откако организаторот не успеа да го испразни тој дел од трибината, судиите се решија за прекин и доигрување за денес од 18 часот и тоа без присуство на публика.

Од спортскиот дел на дербито, Работнички беше многу подобар, а тоа го покажува и резултатот на крајот. Само во првата четвртина, МЗТ беше рамноправен и имаше два поени предност (24:22). Во вторите 10 минути Работнички заигра многу подобро и ги доби со 23:11. И во второто полувреме Работнички играше во свој ритам. 

На пет минути до крајот, односно во 35 минута, домаќините стигнаа до предност од 90:69 (плус 21) и веќе беше јасно дека најтрофејниот тим во земјата ќе стигне до нова победа. Во последните пет минути, МЗТ само го ублажи поразот. 

Бугарскиот интернационалец од Работнички, Костов даде 31 поени, Американецот додаде 22 поени, а капитенот Димитар Мираковски даде 16 поени без ниту едно промашување. На крајот, Работнички заслужено ја продолжува перфектната серија во првенството. Тимот од Градски парк има 19 победи во 19 меча.

Шампионот МЗТ го претрпе шестиот пораз сезонава во првенството и останува на третото место на табелата. Единствено Американецот Крафорд беше расположен за игра и на крајот заврши со 24 поени, но тоа беше премалку за „сино-белите“ да се надеваат на триумф. 

 

Најново во Кошарка