ВТОРА ПОБЕДА НА МУНДИЈАЛОТ

Англичаните испишаа историја, хет-трик на Кејн! (Видео)

„Гордиот Албион" заедно со селекцијата на Белгија од групата Г и официјално се промовираа во осминафиналисти на Светското првенство.

објавено: 24 јуни 2018 - 15:59

Денеска во рамките од второто коло на стадионот во Нижњи Новгород, репрезентацијата на Англија ја оправда фаворитската улога, со резултат 6:1 ја декласираше Панама. За прв пат во историјата Англичаните постигнуваат пет или повеќе голови на еден натпревар од Светските шампионати и тоа за едно полувреме.

Ова е нивниот најголем триумф на Мундијалите, се квалификуваа помеѓу најдобрите 16 за прв пат од 2010. година.

Уште во првите 45. минути на теренот Англичаните го покажаа својот квалитет, гол-серијата ја започна Џон Стоунс во осмата, а од пенал зголеми Кејн.

Потоа, за период од четири минути стрелаа Лингард и Стоунс, а до вториот погодок на мечот повторно од белата точка дојде и Кејн.

Најголемата ѕвезда во редовите на англиската селекција, ѕвездата на Тотенхем го комплетираше својот хет-трик во 62-та мин. и го престигна Лукаку по бројот на погодоци на Мундијалот, сега има пет, еден повеќе од Белгиецот.

Фудбалерите на Панама успеаја да дојдат до почесен погодок благодарение на Балој (78.)

Избраниците на селекторот Герет Саутгејт во последното трето коло на 28 јуни во Калининград ќе играат за првото место во групата, а на вториот дуел за избегнување на дното ќе се борат Панама и Тунис во Саранск.

Најново во Меѓународен Фудбал