ДАЛИ СЕ ПРЕМНОГУ САМОУВЕРЕНИ ИЛИ СО ПРАВО ОЧЕКУВААТ ФИНАЛЕ

Англичаните се храбрат: „Нема од што да се плашиме против Хрватска“

Франција против Белгија ќе играат во првото полуфинале, додека Англија и Хрватска ќе се сретнат меѓусебе во битката за место во финалето на Мундијалот

објавено: 8 јули 2018 - 14:00

Англија по пауза од 28 години се избори за место во полуфиналето на Светско првенство, додека Хрватска го повтори успехот од пред точно 20 години, кога се пласираа меѓу најдобрите четири селекции на планетата. Сега овие репрезентации во меѓусебна пресметка треба да решат за патникот во финалето кој на 15 јули ќе игра во Москва и ќе се бори за најзначајниот трофеј во фудбалот. 

Англичаните кои во осминафиналето на пенали ја поминаа Колумбија, а потоа лесно со 2:0 славеа и против Шведска, веруваат дека ќе имаат лесна задача против Хрватска. „Коцкестите“ во двата нокаут дуели одиграа максимални 120 минути и мораа на пенали да победуваат во дуелите против Данска и Русија.

Англиските медиуми ги храбрат нивните репрезентативци дека нема од што да се плашат во дуелот со Хрватска.

„Играчите на Герет Саутгејт немаат од што да се плашат во дуелот со Хрватска, која втор пат по ред победува на пенали и игра неубедливо. Русија играше храбро против Хрватска, но се работи за лимитирана  селекција, која ионака стигна предалеку. Англија сигурно чувствува дека може да ја помине Хрватска и да се избори за прво финале по пауза од 52 години“, пишува англискиот весник „Дејли Мирор“. 

И „Дејли Мејл“ во својата анализа вели дека Англија треба лесно да се палсира во финалето. 

„Мечот на Хрватска против Русија е доказ дека Саутгејт и неговите играчи нема од ништо посебно да се плашат против Хрватска. Модриќ и соиграчите на дуелот против Англија сигурно ќе имаат тест каков што досега немаа на Мундијалот во Русија. Хрватите ќе бидат уморни по такви исцрпувачки мечеви. Два пати играа по 120 минути и со тоа може да го платат данокот. Хрватска не игра уверливо во нокаут фазата. Ја победија Аргентина во групната фаза и изгледаше дека ќе докажат дека се меѓу најопасните селекции, но тоа не се случи. Одиграа скромно против Данска , а против Русија напаѓаа повеќе, но најчесто тоа беше до пред противничкиот шеснаесетник“, стои во анализата на „Дејли Мејл“.

Дуелот меѓу Хрватска и Англија ќе се игра в среда, а на крајот резултатот ќе покаже дали овие анализи на англиските медиуми ќе бидат точни. 

Најново во Меѓународен Фудбал