ПРИКАЗНА НА ДЕНОТ ВО „МАКЕДОНСКИ СПОРТ“

Дали Англија се враќа на фудбалскиот престол?

Англија во една година направи нешто што ниту една фудбалска нација не го направила досега.

објавено: 14 ноември 2017 - 13:20

Пишува: Сашо Кузмановски

Ако сакаме да направиме некаква компарација меѓу успех и фудбалска репрезентација на Англија, некако и нема да успееме да најдеме некоја аналогија. Барем не за последниве две-три децении. Поимот неуспех многу повеќе му одговара на „Гордиот Албион", познавајќи ги сите минати настапи на големите натпреварувања, секако, ставајќи акцент на настапите на сениорскиот тим.

Ако, пак, се вратиме наназад, ќе видиме дека помина дури 31 година, од последниот голем настан на кој англиската фудбалска чета успеа да направи, каков – таков успех. На европското фудбалско првенство кое се одржа токму кај нив, Англичаните „дотуркаа" до полуфиналето, каде немаа среќа и налетаа на Германија, која меч потоа стигна до европската фудбалска круна. Од тогаш, па се досега, Англија е синоним за фудбалски неуспех.

2017-тата, сепак, може да биде година која ќе го најави големиот пресврт за островскиот фудбал. Оваа 2017-та за англискиот фудбалски потенцијал едноставно е врв!

Она што му се случи на англискиот репрезентативен фудбал во изминатите 5 месеци никогаш не е видено на светската фудбалска карта. И не само за англиски фудбалски прилики. Напротив, она што младите островски надежи го направија во една календарска година, досега не успеала да го направи ниту една друга фудбалска нација.

Во текот на оваа година имаше 6 големи фудбалски натпреварувања за млади надежи од 17 до 21 година. Четири беа континентални, овде во Европа, а другите две беа светски првенства. Англија растури на сите шест и навистина оваа констатација не е претерана, а еве и зошто:
Турнирот кој се одржува во француски Тулон за играчи до 20 години, се смета за мини светско првенство, затоа што на него секогаш доаѓаат најсилните светски фудбалски нации, почнувајќи од домаќинот Франција, преку Бразил, Јапонија..., а покрај тоа, турнирот има 45-годишна традиција. Англија годинава го освои, победувајќи на четири натпревари и играјќи нерешено (1:1) во финалето против Брегот на Слоновата Коска. На пенали дојдоа до трофејот.

Европско првенство за играчи до 17 години се одржа во Хрватска, а тимот на селекторот Стивен Купер замина како просечна селекција, далеку од оние кои ја имаа фаворитската улога. Неговиот тим го сочинуваа млади надежи од Челзи, Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити и Арсенал. Некои од нив веќе дебитираа и во првите тимови: Фил Фоден, Џадон Санчо, Ангел Гомез, Риан Брустер, Џорџ МекЕкран...
Англија ги „згази" Норвешка со 3:1, Украина 4:0 и Холандија 3:0 во групата, па потоа со победите над Ирска со 1:0 и Турција со 2:1 дојде до финалето. Таму водеше со 2: 1 против големиот фаворит Шпанија, но прими гол и загуби на пенали.

Европско првенство до 19 години, пак, беше одлична можност за рехабилитација. Дојде неколку месеци по она што се случуваше во Хрватска, а Англија стана убедлив шампион по триумфите над Бугарија со 2:0, Холандија 1:0 и Германија со 4:1. Во полуфиналето ја поразија Чешка 1:0, а во финалето, не му простија ниту на фаворитот за титулата, Португалија, совладувајќи го со 2:1.

На европско првенство до 21 година, Шпанија и Германија беа најголемите фаворити, а Англија стигна до полуфиналето. Против Германија во полуфиналето, англискиот тим не загуби во фудбалското време на теренот (2:2), но повторно кобни беа пеналите. Повеќето од играчите во овој тим се веќе стартери во нивните клубови во Премиер лигата. Голманот Џордан Пикфорд е бр.1 во Евертон, Натан Редмонд игра редовно за Саутемптон, Алфи Моусон е лидер на Свонси, Натанаил Чалобах е фантастичен во Ватфорд, како и Рубен Лофтус-Чик во Кристал Палас.

Она што ја „размрда" фудбалска Англија најмногу оваа година, се чини, е СП за играчи до 20 години. Тимот предводен од петмина играчи на Евертон со Доминик Калверт-Левин во нападот (веќе е стартер во првиот тим на "карамелите") и голгетерот Доминик Соланке (ги добива своите минути во Ливерпул во Премиер лигата), едноставно ја прегази конкуренцијата. По оние 3:0 над еден од двата големи фаворити - Аргентина, дојдоа победи над Гвинеја и Јужна Кореја, па и елиминација на Костарика и Мексико, за да се стигне до полуфиналето против фаворитот за титулата - Италија. Со пресврт од 0:1 до 3:1 стигнаа до финале, каде Калверт-Левин со еден гол над Венецуела ја донесе првата титула за Англија во историјата од овие фудбалски натпреварувања.

Но, прославата не запре тука. Светско првенство до 17 години, веројатно беше најважниот момент во годината. Истиот тим кој го загуби финалето на ЕП од Шпанија, доби шанса за одмазда. Неколку месеци подоцна, овој пат на Мундијалот и повторно во финалето.


Овој пат, Шпанците водеа со 2:0 до 44-та минута, но Англија го направи најспектакуларниот пресврт во финалињата на големите натпреварувања. Одмаздата за загубеното финале на ЕП во Хрватска по изведувањето на пеналите беше жестока. Риан Брустер од Ливерпул голгетерски ги водеше островјаните со 8 погодоци на Мундијалот, а Филип Фодан од Манчестер Сити ја доби наградата за Играч на турнирот. Англија постигна 23 гола и прими 6. Целосно заслужена шампионска титула.

Ако ја сумираме тековната година низ бројки собрани од сите годинешни настапи на надешта и иднината на Премиер Лигата, билансот е досега незабележан. 34 натпревари во шест најразлични завршници на големи натпреварувања со 28 победи и 6 нерешени натпревари – без пораз! Четири титули, еден изгубен финален меч на пенали и една елиминација (исто така на пенали) во полуфинале.

Ова го нема направено ниту една друга нација, дури и во најславни златни генерации како оние на Бразил, Шпанија, Германија или Франција. Ова што го направија овие млади генерации на колевката на фудбалот е историја. Прашање е дали оваа доминација ќе остане и во сениорска конкуренција, каде англискиот фудбал се уште каска зад светската елита. Така ќе остане барем до Русија, каде сениорите треба да покажат дали ги фатил победничкиот ветар од неколкуте генерации англиски фудбалски пулени.

Најново во Меѓународен Фудбал