ПРЕМИЕР ЛИГА, 22.коло

Фулам се самоуништи: Пораз со два автогола за три минути

Фулам самиот се победи, „Црвените" славеа минимално, Саутемптон изненади...

објавено: 12 јануари 2019 - 17:55

Ливерпул минимално, со гол од пенал го совлада Брајтон на гости со 1:0 во рамките на 22. коло на Премиер лигата и ја задржа предноста од седум бодови во однос на Манчестер Сити кој својот меч го игра утре.
Погодокот вреден драгоцени три бодови го реализира Мохамед Салах од пенал во 50 минута. Претходно Мартин Монтоја влечеше противнички играч во казнениот простор, а за судијата тоа беше доволно за пенал.
А ќе беше неправедно ако „Црвените" не го добиеја овој меч со оглед на тоа дека имаа огромен посед на топката и многу убави шанси.
Статистички Ливерпул седми меч по ред (во сите конкуренции) го победува Брајтон. За Салах тоа беше трет гол во четвртиот меч против популарните „Галеби".

А Фулам се самоуништи на гостувањето кај Барнли. Малиот лондонски клуб во битката за опстанок изгуби со 2:1. Поведе со прекрасниот гол на Андреа Ширле во втората минута, а од 20. до 23. минута Брајан и Одои си ја затресоа мрежата и му ги подарија бодовите на Барнли.

Изненадување приреди Саутемптон со триумфот на гостувањето кај Лестер. Ворд-Провс и Шејн Лонг ги доведоа „Светците" во предност од 2:0 по првите 45. минута, а во второто се најдоа во ситуација да го чуваат водството поради црвениот картон на Валери. Примија гол во 58 минута, но не и уште еден и така освоија три важни бода во битката за опстанокот.

 

 

Најново во Меѓународен Фудбал