НАПАЃАЧОТ СЕ ВРАТИ МНОГУ ПОРАНО ОД ПРЕДВИДЕНОТО

Ибра откри која е тајната за неговото брзо закрепнување

Повредата која ја имаше Златан бараше мирување најмалку до Нова година, но голгетерот се врати многу два месеци пред очекуваното

објавено: 19 ноември 2017 - 11:50

Златан Ибрахимовиќ по пауза од точно седум месеци се врати на фудбалскиот терен. Еден од најдобрите напаѓачи во светот во изминатава деценија, имаше тешка повреда на коленото, здобиена на мечот против Андерлехт, во април, на дуел од Лигата на Европа. 

По повредата, имаше дури и црни сценарија дека тоа може да биде и крај на кариерата за Ибра. Сепак, Швеѓанецот уште тогаш најави дека воопшто не планира да се откаже. Лекарите прогнозираа дека нема шанси да се врати на теренот пред 2018 година. 

Сепак, Ибра направи уште едно чудо. Вчера тој беше во дресот на Манчестер и одигра 15-тина минути на мечот против Њукасл. Голгетерот се врати по само седум месеци, иако повредата беше многу сериозна. Самиот Ибра вели дека причина за брзото закрепнување е тоа што тој е лав, а не човек. 

„Ви реков дека лавовите не закрепнуваат како луѓето. Сега и ви го докажав тоа. Да не биде дека било само на зборови. Повредата беше тешка, но верував во себе. Среќен сум што повторно сум на теренот, што можам да трчам, што навивачите повторно го скандираат моето име. Им благодарам на сите кои веруваа во мене и ми даваа поддршка во овие неколку месеци додека закрепнував“, рече Ибрахимовиќ.

Иако беше повреден, Манчестер реши да му го продолжи договорот на уште една сезона. Сега е на ред Ибра да возврати на довербата со што е можно повеќе голови. 

Најново во Меѓународен Фудбал