ОЧАЈНА ЕФИКАСНОСТ НА „ЦРВЕНИТЕ ЃАВОЛИ“

Јунајтед сака во ЛШ, а има помалку голови од Рајо Валјекано кој испаѓа од Ла Лига

Екипата на Манчестер Јунајтед веројатно ја пропушти последната шанса да се пласира во Лигата на шампионите откако синоќа, во заостанатиот натпревар загуби од Вест Хем со 2-3.

објавено: 11 мај 2016 - 09:21

Навивачите се тажни поради тоа бидејќи трикраниот европски првак повторно ќе мора да се натпреварува во Лигата Европа. Сепак, ако се земе предвид статистиката и очајната ефикасност, прашање е дали Јунајтед заслужи да се најде меѓу фудбалската елита на континентот, особено поради парите што ги потроши во ланскиот летен преоден рок.

Како помош на Руни беа донесени Мемфис Депај и Антони Марсијал, во текот на сезоната блесна и младиот Маркус Рашфорд, но тоа не беше доволно да се поправи нешто на планот на реализацијата. Така, на коло пред крајот на сезоната, Јунајтед е со само 46 постигнати гола, дури 24 помалку од градскиот ривал Сити со кого уште се бори за пласман во Лигата на шампионите.

За споредба, Еибар кој е 12-пласиран во шпанското првенство досега постигна 47, а Рајо Валјекано кој е пред испаѓање од Ла Лига досега има 49. Слична е ситуацијата во германското првенство, каде по 49 гола имаат 16. и 17-пласираните Вердер и Штутгарт и тоа со четири натпревари помалку во однос на Манчестер Јунајтед.

Најново во Меѓународен Фудбал