ПОИНАКОВ БИЗНИС-МОДЕЛ ВО АНГЛИСКИОТ ФУДБАЛ

Рахиќ: Бредфорд со билети од 1 фунта ако влезат во Премиерлигата!

Ко-сопственикот на Бредфорд сити, Един Рахиќ вели дека ќе наплатува билети од само една фунта за Премиерлигата доколку неговиот тим влезе во англиската елита

објавено: 20 март 2017 - 18:00

Рахиќ, кој е поранешен финансиски директор за германската компанија „Бош“, е ко-сопственик на Бредфорд со Штефан Руп, директорот на комапнија за производство на седишта за хеликоптери „Фишер & Ентвиклунген“. Тој смета дека парите кои ќе ги добива од ТВ-правата ќе овозможат да има бесплатни билети за Премиерлигата.

Бредфорд и така се познати по ниската цена на билетите. Речиси 18 илјади фанови плаќаат само 149 фунти за сезонски билет за 23 натпревари на „Вели парејд“ стадионот, а тие немаат домашен пораз повеќе од една година. Тимот е во плеј-оф позиција во третата англиска лига (Лига 1).

„Нашиот сон е да се биде во Премиерлигата, и ако дојдеме дотаму, билетите ќе бидат по фунта по натпревар. Веќе добивате 100 милиони фунти од ТВ-правата. Приходот од билетите е мал процент на тие во Премиерлигата и вистинска срамота е што има толку скапи билети. Зошто да не вратите нешто назад на фановите?“, вели Рахиќ.

Рахиќ, кој е поранешен младински репрезентативец на Југославија, со својот германски конзорциум прво се обиде да го преземе тимот на Глазгов Ренџерс, но откако не успеа, тој се реши за Бредфорд. Неговата посветеност е толку голема што го пресели своето семејство во Јоркшир по преземањето на тимот во мај 2016.

Најново во Меѓународен Фудбал