ДЕБИТИРАШЕ И ВЕДНАШ ГИ ЗАСЕНИ НЕЈМАР И ДРУГАРИТЕ

Ришарлисон - новата фудбалска ѕвезда под бразилското небо

„Немам доволно прсти на моите две раце за да ви покажам колку пати бев одбиван. Малку недостасуваше да се откажам од фудбалот", вели Ришарлисон.

објавено: 14 септември 2018 - 15:30

По одличниот натпревар за репрезентацијата на Бразил, два погодоци и изнуден пенал против Ел Салвадот пред неколку денови, главна тема во светските медиуми повторно е Ришарлисон кој е роден во Нова Венеција. Претходно за 21-годишниот Бразилец се пишуваше како најскапото засилување на Евертон, кога од Вотфорд прејде на „Гудисон парк" за 50 милиони фунти, а сега и по одличните настапи за Бразил.

ТЕШКО ДЕТСТВО
Како и повеќето фудбалери од оваа Јужноамериканска земја и тој имал тешко детсво. Растењето на улиците на Нова Венеција, на истокот на Бразил, можело да биде кобно за Ришарлисон. Илегалната трговија со дрога и оружјето на улиците биле честа појава, а неколку негови другари завршиле мртви, или пак се во затвор каде издржуваат долгогодишни казни. Но, тој беше одлучен да успее во фудбалот и да почне да го издржува своето семејство.
Многу од моите пријатели завршија мртви или во затвор, поради дрогата и оружјето. Јас бев во средината на сето тоа. Моето живеалиште беше место каде што се продаваше дрога, но за моја среќа никогаш не се вмешав во такво нешто", не може да го заборави тешкото детство Бразилецот.

ТРЕНИРАЛ БОС
На 10-годишна возраст ѝ се приклучил на локалната фудбалска академија. Но, поради фактот што местото за тренинг било многу далеку од неговиот дом тој се преселил кај вујко му, кој пак живеел поблиску до тренинг-центарот. Продавал колачи и обработувал земја за да му помогне на семејството.
Немав копачки, па тренирав бос. Сите други деца имаа копачки. Еднаш трчав девет километри за да стигнам на време на тренинг со искинати копачки. Чорапата ми се кинеше, па застанував да ја местам", се потсетува Ришарлисон.

ЗА МАЛКУ ЌЕ СЕ ОТКАЖЕЛ ОД ФУДБАЛОТ
Кога бил одбиен од Фигуриенсе кој пак се наоѓа на 9000 километри од неговата родна Нова Венеција, чекал 10 часа на автобуската станица додека надвор имало дожд и температури во минус. Последните пари ги дал за пробата во второлигашот Америка Миниеро, која за негоа среќа поминала успешно.
Немам доволно прсти на моите две раце за да ви покажам колку пати бев одбиван. Малку недостасуваше да се откажам од фудбалот. Имав пари само уште за последната проба. Да не успеев тогаш, ќе немав пари да се вратам дома. Тоа утро дадов се од себе и поминав. Да се откажев по првото „не", сега не би бил овде", вели Бразилецот.

Тој на својот клуб му помогна да се пласира еден ранг погоре, во самата елита на бразилскиот фудбал.
Тоа ми беше најубавата година, затоа што исполнив една од целите што ги имам во мојот живот. Му купив куќа на татко ми", со насмевка на лицето се потсетува Ришарлисон.
По добрите игри во Америка Миниеро следеше трансфер во Флуминенсе (2016 год.), но и повик за младата бразилска селекција.

ТРАНСФЕР ВО АНГЛИЈА, И ПОВИК ЗА ПРВИОТ ТИМ НА БРАЗИЛ
И во Флуминенсе играше на своето претпознатливо ниво. Скаутите на европските клубови го имаа неговото име во тефтерот. Но, Вотфорд беше најбрз и го ангажираше. По една сезона во клубот од Лондон, следуваше нов трансфер и тоа во Евертон, каде што веќе го чекаше тренерот од деновите во Вотфорд, Марко Силва.

Дојдов во Англија за да направам име од себе, во најсилната лига во светот. Ми беше тешко кога дојдов, не бев навикнат на ладните температури во Англија. Многу ми помогна бразилскиот маркет, каде што има храна од мојата земја", вели Бразилецот.

Веднаш се снајде во клубот од Ливерпул. Досегашниот негов ефект е три гола на три натпревари, но и еден директен црвен картон на натпреварот против Борнмут, со кој покажа дека го има незгодниот бразилски темперамент. Бразилскиот селектор Тите ги виде неговите квалитети и пред неколку недели го повика во бразилската репрезентација. Два настапи - два гола, е неговиот ефект засега.
Ова за мене не е реално. Го живеам сонот. Бев дома, играв видео игри, кога ми се јавија. Тоа беше неописливо чувство. Се надевам дека ќе имам уште многу настапи за бразилската репрезентација", заврши 21-годишната нова ѕвезда на бразилскиот фудбал.

Најново во Меѓународен Фудбал