ЛИГА НА ЕВРОПА

Атлетико лесно против Спортинг, Ристовски остана на клупата

Шпанскиот тим со 2:0 победи пред своите навивачи, во првиот меч од четвртфиналето во второто по ранг натпреварување на УЕФА

објавено: 5 април 2018 - 22:57

Единствениот македонски фудбалер кој остана во клупските натпреварувања на УЕФА, Стефан Ристовски со својот Спортинг Лисабон си заминува поразен од гостувањето кај Атлетико Мадрид (0:2), во првиот меч од четвртфиналето на Лигата на Европа. Ристовски остана на клупата за резерви и воопшто не се најде на теренот во Мадрид, каде Атлетико доминираше.

„Јорганџиите“ погодија по само 22 секунди игра, кога на асистенција на Диего Коста погоди Коке. До крајот на првиот дел, најдобриот играч на Атлетико, Антоан Гризман зголеми на 2:0, што на крајот се покажа и како конечен резултат, пред реваншот кој следната недела е во Лисабон. 

Со најубедлива предност по првите 90 минути се стекна Арсенал, кој во Лондон со 4:1 ја победи ЦСКА Москва. Интересно е што сите пет погодоци беа дадени во првото полувреме, а по два пати беа прецизни Лаказет и Рамзи. Головин го даде погодокот за Русите. 

Четири гола на свој терен даде и Лацио против Салцбург, во триумфот од 4:2. Перфектната вечер на домашните екипи ја заокружи Лајпциг, кој со 1:0 го победи Олимпик Марсеј и тоа благодаение на голот на Вернер во 45 минута. 

Реванш средбите се играат следниот четврток.

Најново во Меѓународен Фудбал